Како одговор на „кршењето на примирјето“ од страна на Израел, Хезболах соопшти дека во текот на ноќта гранатирал населби во северниот дел на Израел.
Групата истакна дека нејзините одмазднички напади ќе продолжат се додека не престане израелско-американската агресија.
Според либанското Министерство за здравство, во вчерашните израелски напади врз Либан се убиени најмалку 182 лица.
И покрај двонеделното примирје договорено меѓу САД и Иран, Израел соопшти дека ќе ги продолжи нападите врз Хезболах. За разлика од Иран, САД не го сметаат Либан како дел од договорот за прекин на огнот.
Иран, според инфомрации објавени во медиуми во Техеран, размислува за повлекување од договорот поради продолжените израелски напади врз Хезболах.
Израел во текот на вчерашниот ден спроведе интензивни напади врз Либан, со појаснување на премиерот Бенјамин Нетанјаху дека договореното примирје не се однесува на израелските операции во Либан.
Според израелската војска, цел на нападите биле командни позиции и воена инфраструктура на Хезболах, додека либанските власти посочуваат на голем број цивилни жртви.
По почетокот на војната со Иран Хезболах ги обнови нападите врз Израел, на што Израел одговори со масовни воздушни напади и копнени операции во Либан. Хезболах се смета за најважен сојузник на Иран во регионот.

