Хамас во соопштението наведува дека нападот го извршила „фашистичка окупаторска армија“ чија цел биле илјадници граѓани на пат кон центарот за дистрибуција на помош во градот Рафа, објави Ал Џезира.
Наводно, израелските сили отвориле оган, убивајќи повеќе од 35 лица, а ранувајќи повеќе од 150.
„Ја сметаме ционистичката окупација, заедно со администрацијата на САД, за одговорни за овие масакри. Механизмот за дистрибуција на помош, како што е на сила, се користи за да се изгладни нашиот народ“, се наведува во соопштението на Хамас.
Хамас ги повика Обединетите нации да формираат меѓународна независна комисија која ќе дојде во Газа и ќе истражи, како што велат, „системски злосторства против цивили“.
Од друга страна, објави „Тајмс оф Израел“, Израелските одбранбени сили (ИДФ) објавија дека немаат сознанија за извештаите за ранети лица во центарот за дистрибуција на хуманитарна помош на југот од Газа.
„Во овој момент, немаме сознанија за наводи дека нашите сили отвориле оган врз местото за дистрибуција на помош. Истрагата е во тек“, се наведува во соопштението на Израелските одбранбени сили.
Организацијата „Хуманитарна фондација Газа“ истовремено објави дека израелските војници рано утринава испукале предупредувачки истрели додека луѓето кои сакале да добијат храна се собирале во центарот за дистрибуција на хуманитарна помош, јавија американските медиуми.
Организацијата изјави дека тврдењата дека десетици Палестинци биле убиени не се вистинити и дека информациите за смрт, масовни повреди и хаос се лажни.
Фондацијата претходно објави дека утрово 16 камиони доставиле хуманитарна помош без никакви инциденти.