Според соопштението објавено од канцеларијата на Кац, досега се евакуирани 40.000 Палестинци од бегалските кампови Џенин, Тулкарм и Нур Шамс и сега тие кампови се празни, а активностите на УНРВА во тие кампови исто така се суспендирани, пренесува Тајмс оф Израел.
- Им наредив на ИДФ да се подготват за долг престој во камповите кои се расчистени и да не дозволат враќање на жителите, ниту враќање на теророт. Нема да се вратиме во минатото. Ќе продолжиме да ги расчистуваме бегалските кампови со цел да ја разбиеме терористичката инфраструктура на екстремниот ислам, се вели во соопштението на кабинетот на Кац.
ИДФ денеска соопштија дека распоредиле тенкови на Западниот Брег како дел од засилување на тековната антитерористичка операција во областа Џенин.
„Тајмс оф Израел“ јави дека ова е првпат по операцијата „Одбранбен штит“ од 2002 година, тенкови на ИДФ да оперираат на Западниот Брег.
Пешадиската бригада Нахал и командоси од единицата Дувдеван утринава почнаа со операции во неколку села во близина на Џенин, соопшти израелската војска.
Во меѓувреме, палестинските медиуми објавија фотографии на кои се гледаат три тенкови во областа. Од 21 јануари, ИДФ спроведува офанзива на северниот дел на Западниот Брег наречена „Железен ѕид“./МИА