Со овие зборови, државниот секретар на Ватикан кардиналот Пјетро Паролин го истакна страдањето на украинскиот народ погоден од војната за време на својата проповед на мисата што се одржа вчера во црквата Сант Андреа дела Вале во Рим.
- Секоја постапка што го лишува цивилното население од можноста да живее достоинствено е навреда против човештвото и навреда против Бог, кој е светлина, живот и милост. Не можеме да останеме рамнодушни кон оние кои страдаат од глад, несигурност, војна, зимски студ, затвор и егзил, рече кардиналот.
Тој потсети на зборовите на папата Лав Четиринаесетти кој во вторникот рече: „За жал, секој ден, секој ден луѓе умираат. Мора да инсистираме на мир, почнувајќи од прекин на огнот, а потоа и на дијалог“, пренесе Ватикан Њуз.
По завршувањето на мисата, кардиналот одговараше на новинарски прашања при што го коментираше мировниот план од 28 точки предложен од американскиот претседател Доналд Трамп. Тој изрази надеж дека „ќе се отворат канали за дијалог што ќе овозможат оваа трагедија да заврши“.
- Ќе биде многу тешко да се најде компромис меѓу потребите од една страна и барањата од друга страна. Затоа, претпоставувам дека патот до преговорите ќе биде тешка битка, коментираше државниот секретар на Ватикан.
Според негово, „Европа треба да учествува и да го искаже својот глас, да не остане исклучена“, не само затоа што „беше активно вклучена“ во Украина досега. Што се однесува до прашањето за отстапување територии, кардиналот Паролин рече дека е „прерано да се зборува за тоа, затоа што и тоа ќе биде резултат на преговори“.
- Мирот ќе се постигне само ако двете страни се донекаде задоволни со компромисот, бидејќи на крајот ќе мора да се направи компромис, нагласи тој.
Светата Столица, додаде кардиналот, останува посветена на размената на затвореници и враќањето на украинските деца однесени во Русија: „Продолжуваме да работиме на ова поле, и ми се чини дека механизмот во врска со децата сега е обновен“, рече Паролин.
- Ние сме достапни да помогнеме во оваа област бидејќи веруваме дека, покрај грижата за оние кои страдаат, тоа исто така создава услови кои ќе доведат до мир, рече државниот секретар на Ватикан.
Кардиналот Паролин ја одржа мисата во Рим по повод одбележување на жртвите од Гладоморот (Холодомор) од 1932-1933 година и го нагласи страдањето на украинското население кое денес живее во војна.
Украинскиот амбасадор во Ватикан, Андриј Јураш, им се заблагодари на кардиналот Паролин и на сите присутни, меѓу кои беа неколку италијански политички претставници и над 50 амбасадори од приближно 80 мисии со седиште во Рим. Јураш особено го истакна присуството на делегација од четири украински тинејџери на возраст меѓу 14 и 18 години кои, на почетокот на војната, биле однесени во Русија и сега се вратени кај нивните семејства.

