Њу Араб (The New Arab)
Војната меѓу Израел и Иран продолжува да ескалира, при што двете страни ветуваат дека ќе применат максимален притисок врз својот непријател по неколку дена насилство предизвикано од воздушната офанзива на Израел.
Децении подготовки за овој конфликт, долгогодишна војна од сенка и растечките регионални тензии кулминираа во петокот, 13 јуни, кога Израел го бомбардираше Иран, погодувајќи клучни нуклеарни и воени објекти и убивајќи високи фигури.
Иран оттогаш испука салви од балистички ракети, предизвикувајќи големи штети во главните израелски градови, со зголемен број жртви на двете страни.
Додека жителите на регионот го следат долгоочекуваниот конфликт како се развива, многумина прават споредби меѓу високо напредните технолошки способности и воздушната супериорност на Израел и ракетите со долг дострел на Иран.
„The New Arab“ ги анализира воените способности на двете земји.
Број на војници
Според податоците од Меѓународниот институт за стратешки студии во 2025 година, Иран го надминува Израел по број на активен персонал, со 960.000 војници во Исламската Република наспроти 634.500 војници на многу помалиот архинепријател.
Тие вклучуваат 610.000 активни војници и 350.000 резервисти во Иран, во споредба со 169.500 активни војници на Израел и поголем број резервисти од 465.500.
Израел води воена операција во Газа од октомври 2023 година, го окупира Западниот Брег, водеше целосна војна против милитантната група Хезболах во Либан минатата година и изврши стотици воздушни напади во Сирија и Јемен.
Авиони
Израел го надминува Иран во воздушната војна, користејќи низа софистицирани борбени авиони, вклучувајќи 39 американски авиони „Локхид Мартин Ф-35 Лајтнинг II“ – попознати како Ф-35 – кои можат да пробијат радарски одбрани без да бидат детектирани.
Тел Авив поседува и 196 авиони Ф-16 и 75 авиони Ф-15, со брзини кои варираат меѓу 1.976 км и 3.097 км на час. Иран тврди дека соборил три авиони Ф-35 од почетокот на војната во петок, 13 јуни, и заробил барем еден пилот. Израел го негира ова.
Ако е точно, тоа би било првпат борбен авион Ф-35 да биде соборен.
Вчера, Израел изјави дека постигнал „воздушна доминација“ над иранската престолнина и има контрола над небото од западен Иран до Техеран.
За споредба, Иран поседува околу 180 руски борбени авиони – постари и со недоволно одржување, при што западните санкции прават да е исклучително тешко за Иран да ги надгради своите авиони.
Ирански дронови и ракети
Иран сè уште не ги користел своите борбени авиони во војната, потпирајќи се исклучиво на своите ракети и дронови.
Тие вклучуваат „Шахед 136“, „Емад“, „Хорамшахр-4“ и „Фатах“, со дострели кои варираат меѓу 1.400 км и 2.500 км, со што можат да стигнат до кој било дел од Израел.
Најновиот додаток на „Фатах“ вклучува хиперсонични ракети кои се тешки за пресретнување и кои Иран ги користеше во нападите врз израелските градови.
Залихите на Иран од овие балистички ракети се проценуваат на меѓу 2.000 и 3.000, а наводно произведува меѓу 300 и 500 од нив секој месец, предизвикувајќи го Израел, кој ги напаѓа иранските нуклеарни и ракетни програми.
Израелски систем за воздушна одбрана
Покрај потпирањето на своите воздушни сили, Израел поседува еден од најнапредните одбранбени системи во светот, кој му помага да ги собори повеќето дојдовни проектили.
Мултислојниот и милијарди долари вреден систем за воздушна одбрана на Израел вклучува „Железна купола“, „Стрела-3“, „Праќка на Давид“, како и „Железен зрак“, секој користен за различни цели и со различни дострели.
САД многу инвестирале во овој одбранбен систем, гарантирајќи му на Израел – во голема мера – безбедна заштита од ракетни напади.
Во центарот на овој систем за воздушна одбрана е „Железната купола“, која користи радар за откривање и пресретнување на ракети со краток дострел до 70 км. Израел тврди дека нејзината стапка на успех надминува 90 проценти и има време на реакција од неколку секунди.
„Праќката на Давид“ (праќа/праќка) се користи за ракети со среден дострел, вклучувајќи ги оние испукани од поддржаните од Иран милитанти на Хезболах во Либан.
Исто така, постои и „Стрела“, користена за пресретнување на ракети со долг дострел до 2.400 км, која Израел ја користеше против иранските ракети и ракети испукани од поддржаните од Иран Хути во Јемен. Израелските воздушни одбрани вклучуваат и ракети „Патриот“, најстариот дел од системот, со дострел до 70 км.
Нуклеарна моќ
Израел тврди дека една од главните причини за војната со Иран е поради нуклеарната програма на Техеран.
Техеран и Вашингтон беа ангажирани во преговори пред почетокот на војната за да постигнат договор, но тоа изгледаше помалку веројатно бидејќи двете страни одбиваа да попуштат за одредени барања, вклучувајќи го збогатувањето на ураниум.
САД и Израел се целосно против Иран да има нуклеарна програма, а Израел бомбардираше неколку нуклеарни локации во Иран од петокот, вклучувајќи ја главната постројка за збогатување во Натанц.
Врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, повеќепати негираше дека неговата земја имала намера да создаде нуклеарна бомба, тврдејќи дека тоа е спротивно на нивните исламски верувања. Земјата збогатуваше ураниум на 60 проценти, не многу далеку од нивото од 90 проценти потребно за создавање нуклеарна боева глава.
И покрај широко распространетите шпекулации, Израел ниту потврди ниту негираше дека поседува нуклеарно оружје, придржувајќи се до политика на намерна двосмисленост. Но, се верува дека поседува меѓу 80 и 400 нуклеарни боеви глави, при што првата е завршена околу крајот на 1966 или почетокот на 1967 година.
Нуклеарниот истражувачки центар Негев во близина на градот Димона е во срцето на тајната нуклеарна програма на Израел.