Израелската војска и утринава напаѓа објекти на Хезболах во Бејрут

3.03.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Израелската војска и утринава напаѓа објекти на Хезболах во Бејрут

„ИДФ моментално ги напаѓа командните центри на Хезболах и складиштата за оружје во Бејрут“, соопшти војската во кратка објава на Телеграм, пренесена од ДПА.

Како одговор на убиството на иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, во саботата за време на заедничкиот американско-израелски напад, Хезболах во неделата вечерта истрела неколку ракети кон Израел. Како одговор, израелската војска нападна повеќе цели, вклучително и во предградијата на главниот град Бејрут, потсетува германската агенција.

По ова либанската Влада ги прогласи за нелегални „воените активности“ на Хезболах, кои имаат далекусежно влијание во Либан.

Ова го менува статусот на групата поддржана од Иран од толерирано движење на отпорот од страна на некои Либанци во нелегална милиција, пренесува ДПА.

Хезболах е најважниот недржавен сојузник на Иран и се смета за продолжение на Техеран, особено во борбата против нивниот заеднички непријател Израел.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата