Израелска рација на југот на Сирија: Десетмина загинати, ранети израелски војници

28.11.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Израелска рација на југот на Сирија: Десетмина загинати, ранети израелски војници

– Десет лица загинаа денеска во израелско гранатирање на едно село на југот на Сирија, јавија сириските државни медиуми, додека израелската армија соопшти дека петмина нејзини војници се ранети во судирот што настанал при апсење на припадници на милитантна група.

Според сириските државни медиуми, израелската рација во областа околу селото Бејт Џин се претворила во еден од најсмртоносните инциденти откако пред една година беше соборен претседателот Башар ал Асад. Оттогаш Израел редовно врши упади на југот на Сирија, тврдејќи дека тоа го прави за да ги држи милитантите подалеку од границата.

Израелската армија соопшти дека милитантите отвориле оган врз нејзините припадници за време на операцијата во текот на ноќта, чија цел била апсење на лица осомничени дека припаѓаат на групата која ја идентификува како Џама Исламија. Рацијата е опишана како дел од рутинските операции во областа во изминатите неколку месеци.

Израелските сили одговориле со оган „како и со воздушна поддршка“, се вели во соопштението на армијата, додавајќи дека тројца од ранетите војници имаат тешки повреди. „Елиминирани се бројни терористи“, додаде армијата.

Сириската државна новинска агенција САНА, цитирајќи регионален здравствен претставник, објави дека во израелскиот напад биле убиени 10 лица, а десетици се ранети. Меѓу загинатите има и две деца.

Израелските сили го гранатирале Бејт Џин два часа и 40 минути по полноќ, а потоа влегле во селото, соопшти САНА. Жителите им се спротивставиле на израелските војници, што довело до „жестоки судири“.

Израелски војници уапсиле две лица, соопштија армијата и локален сириски функционер.

Израелската армија одби да даде дополнителни детали за милитантната група која, како што рече, била цел на рацијата. Војската ги обвини осомничените за воени активности, вклучувајќи поставување импровизирани експлозивни направи и „планирање идни напади врз Израел, вклучително и ракетен оган“.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата