Израел извршил нов напад врз подземниот нуклеарен објект Фордо во Иран, јужно од Техеран, јавува AFP повикувајќи се на медиум во земјата.
„Агресорот повторно го нападна нуклеарниот објект Фордо“, објави новинската агенција Тасним, цитирајќи портпарол на управата за управување со кризи во провинцијата Кум, каде што се наоѓа објектот.
Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, изјави дека се очекува „многу значителна штета“ на иранската нуклеарна локација Фордо.
Американското бомбардирање веројатно предизвикало „многу значителна“ штета на подземните делови од постројката за збогатување ураниум Фордо, која е вградена во планина, иако засега не може со сигурност да се утврди обемот, изјави Гроси во понеделникот.
„Имајќи ја предвид експлозивната сила што беше употребена и екстремно чувствителната природа на центрифугите на вибрации, се очекува да има настанато многу значителна штета“, рече Гроси во изјава на итниот состанок на 35-члениот Управен одбор на МААЕ.
Тој додаде: „Јас укажав дека секое пренесување на нуклеарен материјал од објект кој е под надзор во друга локација во Иран мора да биде пријавено до Агенцијата, како што е пропишано со Спогодбата за заштитни мерки на Иран, и ја изразив мојата подготвеност да соработувам со Иран во врска со ова прашање“, пренесува Гардијан.