Најмалку 18 од 31 провинција во Иран, вклучувајќи го и главниот град Техеран, се погодени од екстремниот топлотен бран што започна во петокот и се очекува да трае до четврток.
Температурите надминаа 40 степени Целзиусови во најмалку 10 провинции во понеделник, а властите во Техеран ја прогласија средата за празник за да заштедат електрична енергија и вода.
Земјата се соочува и со најжешката недела во годината, со температури локално над 50 степени Целзиусови, според националната метеоролошка служба.
Јужниот ирански град Самбанкарех во понеделникот забележа рекордно висока температура од 53 степени Целзиусови.
АФП во вторник објави дека некои делови од Техеран се соочуваат со недостиг на вода.
Водоводната компанија на главниот град во неделата ги повика жителите да ја намалат потрошувачката на вода за „најмалку 20 проценти“ за да ја ублажат кризата.
„Браните што го снабдуваат Техеран со вода моментално се на најниско ниво во последните 100 години“, соопшти компанијата, осврнувајќи се на „најлошата суша во последните 60 години“ во иранскиот главен град.
„Кризата со водата е посериозна од она за што зборуваме денес“, предупреди иранскиот претседател Масуд Песекијан, повикувајќи ги своите сонародници во неделата да „размислат за прекумерната потрошувачка“ на вода.
Како земја со недостиг на вода, Иран редовно доживува суши, особено во своите јужни провинции.
Во речиси десетина провинции, работното време на владините канцеларии е намалено или прилагодено за заштеда на енергија. Десет други провинции наредија затворање на јавни згради во среда.