Пезешкијан: Иран е подготвен за војна со Израел, не ја прекинуваме нуклеарната програма

23.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Пезешкијан: Иран е подготвен за војна со Израел, не ја прекинуваме нуклеарната програма

Во ексклузивно интервју за Ал Џезира, едно од неговите први по завршувањето на 12-дневната војна со Израел минатиот месец, Пезешкијан рече дека иранската војска е подготвена да одговори и може да удри длабоко на израелска територија.

„Не сме многу оптимисти за прекин на огнот. Целосно сме подготвени за секој нов израелски воен потег, а нашите вооружени сили се подготвени повторно да удрат длабоко во Израел“, рече Пезешкијан.

Според него, и Иран и Израел нанеле „моќни удари“, но Израел ги крие вистинските загуби.

„Затоа сме подготвени за секое можно сценарио и секој потенцијален одговор. Израел ни нанесе штета, а ние му нанесеме штета. Ни нанесе силни удари, а ние го погодивме силно во неговите длабочини, но тој ги крие своите загуби“, рече иранскиот претседател.

Тој додаде дека израелските напади, во кои беа убиени водечки воени личности и нуклеарни научници, а беа оштетени нуклеарни постројки, имале за цел „елиминирање“ на иранското раководство, „но воопшто не успеаја“.

Пезешкијан рече дека Техеран е посветен на продолжување на својата нуклеарна програма за мирни цели, и покрај меѓународното противење, истакнувајќи дека развојот на нуклеарните капацитети ќе се спроведува „во рамките на меѓународното право“.

„Претседателот на САД, Доналд Трамп, вели дека Иран не треба да има нуклеарно оружје, а ние го прифаќаме тоа затоа што го отфрламе нуклеарното оружје и ова е нашата политичка, религиозна, хуманитарна и стратешка позиција“, додаде тој.

Техеран верува во дипломатијата, рече тој, па затоа сите идни преговори мора да бидат во согласност со логиката „win-win“.

„Нема да прифатиме закани и диктати“, предупреди Пезешкијан.

Според него, тврдењето на Трамп дека нуклеарната програма на Иран е завршена е „само илузија“.

„Нашите нуклеарни капацитети се во умовите на нашите научници, а не во постројките“, нагласи тој.

Запрашан за израелскиот обид за атентат за време на состанокот на Врховниот совет за национална безбедност во Техеран на 15 јуни, на кој тврдеше дека претрпел полесни повреди, Пезешкијан рече дека тоа било дел од план на израелските команданти да го нападнат политичкото и военото раководство на Иран во обид да ја „втурнат земјата во хаос со цел целосно да ја уништат“.

„Но, планот не успеа“, рече тој. Тој исто така нагласи дека иранските напади врз катарската база Ал Удеид по американските напади врз иранските нуклеарни постројки не биле напад врз Катар и неговиот народ, додавајќи дека на денот на нападот го повикал катарскиот емир шеик Тамим бин Хамад ал-Тани за да го објасни својот став. „Јасно и искрено кажувам дека не ја нападнавме Државата Катар, туку ја нападнавме базата на Соединетите Американски Држави кои ја бомбардираа нашата земја, додека сите наши намери кон Катар и нејзиниот народ се позитивни“, рече иранскиот претседател.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата