Исламски џихад го обвинува Израел дека сака да го анектира окупираниот Западен Брег

24.02.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Исламски џихад го обвинува Израел дека сака да го анектира окупираниот Западен Брег

Вчера Израел објави дека неговите војници ќе останат неколку месеци во три бегалски кампови на северниот дел на Западниот Брег, како дел од воената операција која трае повеќе од еден месец.

Израел распореди тенкови во близина на градот Џенин. Армијата го потврди распоредувањето на тенковска единица.

Исламскиот џихад ја осуди употребата на тенкови од страна на израелските сили како дополнителна алатка за репресија. Групата го обвини Израел за „континуирана ескалација“ против Палестинците на Западниот Брег.

Движењето Исламски џихад има силно присуство на Западниот Брег и е сојузник на Хамас во Газа.

Групата ги осуди „плановите на Израел за анексија на Западниот Брег насилно“ и ги опиша сегашните израелски воени операции како нов акт на агресија чија цел е „искоренување на палестинскиот народ од нивната земја“.

Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац вчера изјави дека им наредил на војниците да се подготват за продолжен престој следната година во бегалските кампови Џенин, Тулкарем и Нур Шамс.

Израел претходно објави дека протерал околу 40.000 Палестинци од камповите.

Пред неколку дена, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги посети војниците на окупираниот Западен Брег, и нареди на армијата да ги засили своите операции. /МИА

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата