Иранскиот министер за надворешни работи го исмејува Нетанјаху: Што точно тој пуши?“

14.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Иранскиот министер за надворешни работи го исмејува Нетанјаху: Што точно тој пуши?“

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи го нападна израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху преку објава на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер), реагирајќи на изјавите на израелскиот лидер дека Иран не треба да развива ракети со дострел поголем од 480 километри.

Арагчи го исмејуваше Нетанјаху, обвинувајќи го за неуспех во Газа и за неосновани барања кон Иран.

– Нетанјаху пред речиси две години вети победа во Газа. Крајниот резултат: воен ќорсокак, налог за апсење поради воени злосторства и 200.000 нови борци на Хамас. Мислеше дека ќе ги избрише повеќе од 40 години ирански мирољубиви нуклеарни достигнувања – напиша Арагчи.

Тој додаде дека секој од десетиците убиени ирански научници, според него, обучил над 100 ученици кои, како што рече, „ќе му покажат на Нетанјаху што можат“.

Иранскиот министер продолжи со обвинувања дека израелскиот премиер „бегал кај татичко“, алудирајќи на САД, кога, како што тврди, ирански ракети погодиле тајни израелски локации.

– По сите неуспеси, Нетанјаху сега отворено ѝ диктира на Америка што треба или не треба да каже или направи во разговорите со Иран – напиша Арагчи.

На крајот, тој го доведе во прашање влијанието на израелската разузнавачка служба во Вашингтон:

– Освен фарсата дека Иран ќе прифати сè што ќе каже бараниот воен злосторник, се поставува неизбежното прашање: што точно пуши Нетанјаху? А ако не пуши ништо – што точно знае Мосад за Белата куќа? – напиша иранскиот шеф на дипломатијата.

Објавата доаѓа во период на засилени тензии меѓу Техеран и Тел Авив, откако во изминатите месеци се случија повеќе директни и посредни конфликти, вклучително и напади врз ирански нуклеарни објекти. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата