Грција го затвори небото, штрајкуваат и стјуардесите во Италија

9.04.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Грција го затвори небото, штрајкуваат и стјуардесите во Италија

Ова е втор пат годинава генералниот штрајк во Грција целосно да го запре воздушниот сообраќај.

Штрајкот го организира Сојузот на синдикатите АДЕДИ, а меѓу главните барања се склучување колективни договори во сите сектори, зголемување на платите, враќање на 13-ти и 14-ти месечни плати, како и конкретни мерки за справување со станбената криза и зголемените трошоци на живот.

Поради штрајкот, Aegean Airlines откажа бројни летови.

За време на штрајкот, грчките контролори на летање работат само со итни летови, вклучувајќи медицински, спасувачки, хуманитарни и воени, додека сите други летови се суспендирани.

Во исто време, во Италија имаше штрајк на кабинскиот екипаж на авиокомпанијата easyJet, организиран од синдикатите FILT, CGIL и UIL. Штрајкот трае од 10:30 до 14:30 часот. Засегнати се некои летови до и од аеродромите во Милано (Малпенса) и Неапол (Каподичино).

Компанијата соопшти дека прави сѐ што може за да го минимизира влијанието на штрајкот на стјуардесите врз патниците и дека оние чии летови биле засегнати ќе бидат директно контактирани и информирани за алтернативните опции.

На патниците им се препорачува редовно да го проверуваат статусот на нивните летови, да ги следат најавите на авиокомпаниите и да бидат подготвени за можни доцнења, промени во плановите или откажување на летови.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата