Големо поскапување на презервативите- причината е војната во Иран

22.04.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Големо поскапување на презервативите- причината е војната во Иран

Главниот извршен директор на „Карекс“, Гох Миа Киат, во интервју за „Ројтерс“ изјави дека компанијата во моментов бележи пораст на побарувачката за кондоми. Причината се зголемените трошоци за транспорт и постојаните доцнења во испораките, што предизвикаа залихите кај многу клиенти да паднат на загрижувачки ниски нивоа, објави Телеграф.

„Ситуацијата дефинитивно е многу кревка и трошоците постојано растат. Во моментов, немаме друг избор освен да ги пренесеме зголемувањата на цените на клиентите“, рече Гох.

„Карекс“ произведува импресивни пет милијарди кондоми годишно и е клучен снабдувач на глобални лидери како што се „Дурекс“ и „Тројан“. Покрај комерцијалните брендови, компанијата снабдува и државни здравствени системи како што е британската НХС, како и глобални програми за помош предводени од Обединетите нации.

Војната во Иран директно влијаеше на синџирите на снабдување, особено на енергетските и петрохемиските текови од Блискиот Исток, што го отежнува значително добивањето суровини. Откако започна конфликтот кон крајот на февруари, „Карекс“ забележа раст на трошоците по целиот производствен синџир - од синтетичка гума и нитрил, до материјали за пакување, до лубриканти, алуминиумска фолија и силиконско масло.

Иако компанијата тврди дека има доволно суровини за следните неколку месеци, интензивно работи на зголемување на производството, бидејќи побарувачката се зголеми за околу 30 проценти оваа година.

Намалувањето на глобалните залихи беше значително под влијание и на драстичните намалувања на странската помош од минатата година, особено од страна на УСАИД. Проблемите во поморскиот транспорт сега дополнително ја влошуваат ситуацијата.

Испораките на пазари како Европа и САД, кои претходно траеја околу еден месец, сега траат речиси два месеци.

„Гледаме огромен број кондоми блокирани на бродовите. Иако се итно потребни, тие сè уште не стигнале на своите дестинации“, предупреди Го, додавајќи дека земјите во развој се првите погодени од недостиг, бидејќи им треба значително подолго време за да добијат нови залихи.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата