Фон дер Лајен: Подготвени сме да напишеме ново поглавје во односите меѓу ЕУ и Кина

8.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Фон дер Лајен: Подготвени сме да напишеме ново поглавје во односите меѓу ЕУ и Кина

Европската Унија и Кина се две од трите најголеми економски и трговски сили во светот и нивните односи ќе бидат едни од најважните до крајот на овој век, па затоа тие мора да се базираат на јасна проценка на новата реалност, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен при денешната дебата во Европарламентот посветена на односите ЕУ-Кина. 

- За само 50 години, кинескиот БДП порасна за повеќе од десет пати. Селата беа заменети со мегаградови. Повеќе од 800 милиони луѓе се извлекоа од сиромаштија. Некогаш аграрно општество, Кина стана индустриски гигант и лидер во чистата технологија. Некогаш неразвиената земја, се претвори во најголем заемодавач на земјите во развој. Кина отсекогаш била една од големите глобални цивилизации, но во последните педесет години, таа стана и една од големите глобални сили, нагласи Фон дер Лајен. 

Според неа, Европа е целосно посветена на соработка со Кина ориентирана кон резултати, при што Еврокомисијата ќе работи на намалување на реалните ризици од стратешка и системска природа, кои влијаат на европската безбедност и конкурентност.  

- Овие ризици произлегуваат од фактот дека Кина има сосема поинаков систем и има на располагање уникатни инструменти за да игра надвор од правилата. Ова и овозможува на Кина да ги преплави глобалните пазари, не само за да ги зајакне сопствените индустрии, туку и да ја задуши меѓународната конкуренција, рече Фон дер Лајен. 

Таа нагласи дека во исто време Кина стана и сериозен актер во глобалниот информативен и кибер простор, па затоа Европа многу да биде многу внимателна поради разни форма на обиди за влијание и кибер напади. 

- Овие реалности претставуваат вистински предизвик за Европа. И ние почнавме да се справуваме со овие предизвици. Во исто време, верувам дека тука постои и можност за изградба на позначајно партнерство со Кина. Но, за да го движиме нашиот однос напред, треба да постигнеме вистински напредок и да најдеме фер решенија за прашањата за кои предолго сме во ќорсокак, додаде Фон дер Лајен. 

Главни приоритети на кои треба да се фокусира ЕУ, според Фон дер Лајен, се ребалансирање на економски односи со Кина, намалување на ризикот и унапредување на дипломатијата за глобалните прашања, вклучително и климата. 

- Да бидам јасна, ако сакаме нашето партнерство да продолжи напред, ни треба вистинско ребалансирање, помалку нарушувања на пазарот, помалку прекумерни капацитет извезени од Кина и фер реципрочен пристап за европските бизниси во Кина, истакна претседателката на ЕК, додавајќи дека елиминирањето на ризикот едноставно е прашање поврзано со европската независност. 

Фон дер Лајен нагласи дека во современиот свет безбедноста на евроатлантскиот и индо-пацифичкиот регион се меѓусебно поврзана, како што не била во последните неколку генерации, па затоа во интерес на ЕУ е да соработува со Кина.  

- Но, исто така знаеме дека непопустливата поддршка на Кина за Русија создава зголемена нестабилност и несигурност овде во Европа. Можеме да кажеме дека Кина де факто ја овозможува воената економија на Русија и не можеме да го прифатиме ова. Како Кина продолжува да комуницира со војната на Путин, ќе биде одлучувачки фактор за односите ЕУ-Кина во иднина, рече Фон дер Лајен. 

Таа потенцира дека има многу што ЕУ и Кина можат да ги направат заедно, доколку Пекинг е подготвена да работи во духот на предвидливост и сигурност.  

- Нашиот однос мора да ја одразува оваа комплексност. Секогаш ќе ги браниме нашите интереси. Ќе ги отстраниме ризиците од нашите економии. Но, не сакаме да се раздвојуваме. Додека влегуваме во втората половина од векот на соработка, Кина се менува. Но, ова е и нова ера за Европа - независна Европа. Подготвени сме да изградиме поурамнотежен и постабилен однос и да напишеме ново поглавје во овој значаен однос, додаде Фон дер Лајен.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата