Фон дер Лајен: Ќе ја посетам Белата куќа кога ќе имаме пакет трговски договор

9.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Фон дер Лајен: Ќе ја посетам Белата куќа кога ќе имаме пакет трговски договор

- За мене е важно ако одам во Белата куќа, да имам пакет и сакам да имам решение за кое двајцата можеме да се согласиме, тоа е она на што работиме во моментов во рамки на разговорите со САД, рече Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Фридрих Мерц во Брисел. 

Таа додаде дека не би сакала да навлегува во детали за текот на преговорите, посочувајќи дека во разговори ништо не е договорено, додека на биде постигнат договор за целиот пакет. 

Фон дер Лајен нагласи дека во тој правец ЕУ предложи модел на „нула за нула“ царини од двете страни на Атлантикот.  

- Ние сме подготвени да ги укинеме царините за индустриски стоки и како што знаете, интензивно работиме на договор за решение за прашањето за царините. Решение кое е балансирано, фер, неутрално и корисно за двете страни на Атлантикот. Но, ако преговорите не успеат, ние ќе дејствуваме и затоа во моментов се консултираме за можната листа на реципрочни мерки. Со други зборови, сите наши инструменти и опции остануваат на маса, додаде Фон дер Лајен.  

Мерц, од своја страна, истакна дека ги поддржува преговорите што се водат со САД, посочувајќи дека во интерес на двете страни е да се најде решение. Тој нагласи дека Вашингтон не може да ги одбира земјите членки на ЕУ една по една и со нив да преговараат за трговски договори, бидејќи трговијата е во целосна надлежност на Европската комисија и нивни трговски партнер е ЕУ во целина. 

Според Мерц, централен проект на ЕУ за наредните години треба да биде јакнење на конкурентноста на европската индустрии, за што е потребно намалувањето на бирократијата и поедноставување на регулативите на Унијата.

- Ни треба фундаментална модернизација и подобри рамковни услови во Европската Унија, рече Мерц.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата