Фон дер Лајен: Европа е повикана да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана

11.03.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Фон дер Лајен: Европа е повикана да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана

Европа денес се соочува со истата задача како и пред 70 години, со потребата за изградба на заедничка одбрана насочена кон одвраќање на каков било напад однадвор, затоа што мирот во Европската Унија повеќе не може да се зема здраво за готово, порача денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето пред Европскиот парламент на дебатата посветена на зајакнувањето на европската одбранбена архитектура и поддршката за Украина.   

- Се разнишува европскиот безбедносен поредок и толку многу наши илузии се рушат, истакна Фон дер Лајен. 

Според неа, по завршувањето на Студената војна, некои веруваа дека Русија може да се интегрира во економската и безбедносната архитектура на Европа, а други дека Европа може неодредено да се потпира на целосната заштита на САД и како резултат на тоа трошоците за одбраната од рутински просечни над 3,5 отсто беа преполовени.  

- Мислевме дека уживаме во мировна дивиденда. Но, во реалноста, ние имавме само безбедносен дефицит. Времето на илузии сега заврши. Европа е повикана да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана. Не во некоја далечна иднина, туку веќе денес. Не со чекори, туку со храброст што ја бара ситуацијата. Ни треба наплив на европската одбрана. И ни треба сега, нагласи Фон дер Лајен.  

Таа потенцира дека Европа секогаш се градела во криза и сега е моментот за „мир преку зајакнување“ и за заедничка европска одбрана.  

- На Европскиот совет видов ниво на консензус за европската одбрана, што не само што е без преседан, туку беше и целосно незамисливо пред само неколку недели, истакна Фон дер Лајен. 

Според неа, во ЕУ се создава ново сфаќање дека мора да се размислува поинаку и да се постапува соодветно, па затоа во наредните недели и месеци ќе бидат потребни поголема храброст и тешки избори поврзани со европската одбрана. 

Таа истакна дека зајакнувањето на европската одбрана пред се е потребно поради ситуацијата во Украина, каде постои итна потреба за пополнување на испразнетите воените резерви и за обезбедување цврсти безбедносни гаранции за земјата.  

- Но, овој момент не се однесува само на Украина. Се работи за цела Европа и безбедноста на целиот наш континент. (Рускиот претседател Владимир) Путин постојано докажува дека е непријателски сосед. Нему не може да му се верува, може само да се одврати. И знаеме дека рускиот воен комплекс го надминува нашиот. Ако ги погледнеме воените трошоци во реални услови, Кремљ троши повеќе од цела Европа заедно, додаде претседателката на ЕК. 

Фон дер Лајен истакна дека денес опсегот на закани со кои се соочува европскиот континент се зголемува од ден на ден, па затоа во оваа се поопасна ера, Европа треба да се засили.  

- И тоа е целта на планот што им го претставив на лидерите минатата недела. Неговата логика е едноставна: сакаме да го искористиме секој финансиска лост што го имаме за да го зајакнеме и забрзаме нашето одбранбено производство. Со Планот „Равооружување на Европа“ можеме да мобилизираме до 800 милијарди евра, порача Фон дер Лајен. 

Таа потенцира дека со планот се предвидува промена на фискалните правила на ЕУ, со што ќе ми се овозможи на земјите од ЕУ поголеми издвојувања за одбраната со цел сегашните околу два отсто од БДП за одбранбените трошоци да се зголемат на над три проценти, потоа создавање на нов механизам вреден 150 милијарди евра преку кој на членките ќе им бидат понудени заеми за инвестиции во одбранбените капацитети, како и можност за пренасочување на средствата од кохезивните фондови кон проекти поврзани со одбраната.  

- Заедно, сме доволно големи за да ја одвратиме секоја непријателска земја. Имаме економска моќ и сега, конечно, имаме и политичка волја. Сите посакуваме да живееме во помирни времиња, но уверена сум дека ако ја ослободиме нашата индустриска моќ, можеме да го зајакнеме одвраќањето од оние кои се обидуваат да ни нанесат штета. Време е да се изгради европска одбранбена унија која обезбедува мир на нашиот континент преку единство и сила. Ова е моментот на Европа. И Европа ќе се издигне до него, порача Фон дер Лајен во обраќањето во Европарламентот. /МИА

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата