Фицо: Зеленски е наш непријател

28.01.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Фицо: Зеленски е наш непријател

Фицо уште еднаш се закани дека ќе ги блокира одлуките на Европската унија за давање помош на Киев, кој се брани од руска воена инвазија од февруари 2022 година, пишува Euractiv.

Премиерот изјавите на украинскиот претседател Володимир Зеленски за подготвеноста на Украина за можен транзит на гас од Азербејџан во Европа ги нарече маневар за прикривање за да се избегнат репресалии и Зеленски го означи како непријател. Опозицијата ги осуди изјавите на Фицо.

Испораките на гас преку Украина за Словачка беа прекинати на почетокот на оваа година, откако истече договорот меѓу руски Гаспром и украински Нафтогас. Фицо го критикуваше Зеленски и се закани со контрамерки, вклучително и суспендирање на снабдувањето со електрична енергија за Украина, ограничување на помошта за украинските бегалци и ставање вето на финансиската помош од ЕУ за Украина.

„Најреален модел би бил Словачка да купува гас на руско-украинската граница, а потоа тој гас да се транспортира како словачки гас преку украинска територија“, рече Фицо на состанокот на економската комисија на словачкиот парламент. Тој како пример ја наведе Унгарија, која користи сличен модел за купување руска нафта.

Сегашниот договор меѓу словачката гасна компанија СПП и Гаспром, кој е со важност до 2034 година, предвидува руската страна да испорачува гас на Словачка на сопствен ризик. „Ќе продолжиме да вршиме притисок врз Украина да се врати на обврската за транзит на гас“, рече Фицо, нагласувајќи дека оваа обврска произлегува од договорот на Украина со ЕУ.

Фицо изјавите на Зеленски за транзит на гас од Азербејџан во Европа ги нарече лажни ветувања. „Господинот Зеленски повторно шири лажни приказни бидејќи мисли дека тоа ќе го спаси од нашите решителни мерки. Ниту еден од неговите проекти во овој поглед не е готов“, рече тој.

Тој додаде дека ќе ја блокира финансиската помош на ЕУ за Украина доколку Зеленски не го врати транзитот на гас преку Украина. „Нашиот непријател е Зеленски. Тој е причината за проблемите што ги имаме. Не го сакам затоа што ѝ штети на Словачка“, рече Фицо.

Тој, исто така, ја критикуваше поранешната украинска премиерка Јулија Тимошенко за нејзината одлука за време на гасната криза во 2009 година, кога Словачка не добиваше гас од украинските складишта.

Опозициските политичари го критикуваат ставот на премиерот. Иван Штефунко од партијата Прогресивна Словачка го обвини Фицо дека ја игнорирал реалноста на најголемиот конфликт на европскиот континент по Втората светска војна.

„Фицо го игнорира фактот дека немаше да има транзитни проблеми доколку Путин не ја нападнеше Украина“, рече Штефунко, додавајќи дека ставот на Фицо одразува недостиг на солидарност кон нападнатиот сосед.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата