Фицо контра Брисел:На Денот на победата сум во Москва, никој не може да ми диктира каде да одам

16.04.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Фицо контра Брисел:На Денот на победата сум во Москва, никој не може да ми диктира каде да одам

Словачкиот премиер Роберт Фицо денеска најави дека ќе присуствува на прославата на Денот на победата во Москва и дека остро се противи на предупредувањето на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи Каја Калас дека европските лидери не треба да учествуваат на настанот.

„Предупредувањето и заканата на Каја Калас претставуваат непочитување и јас остро се спротивставувам“, објави Фицо на Х профилот.

Тој потсети дека Калас ги предупредила лидерите на земјите-членки на ЕУ да не учествуваат на прославата на Денот на победата во мај во Москва и им порачала дека „таквото учество нема да биде сфатено лесно“ во Брисел.

„Ќе одам во Москва на 9-ти мај. Дали предупредувањето на г-ѓа Калас е форма на уцена или сигнал дека ќе бидам казнет по враќањето од Москва? Не знам. Но, знам дека годината е 2025, а не 1939“, рече Фицо.

Тој оцени дека предупредувањето на Калас потврдува дека е потребна дискусија во ЕУ за суштината на демократијата, „за тоа што се случи во Романија и Франција во однос на претседателските избори, за „мајданите“ организирани од Западот во Грузија и Србија, и за тоа како се игнорираше злоупотребата на кривичното право против опозицијата во Словачка.

„Госпоѓо Калас, сакам да ве информирам дека сум легитимен премиер на суверената земја Словачка. Никој не може да ми диктира каде можам или не можам да патувам. Ќе одам во Москва да им оддадам почит на илјадниците војници на Црвената армија кои загинаа во ослободувањето на Словачка, како и на милиони други жртви на нацистичкиот терор.“, објави Фицо.

Тој додаде дека е еден од ретките во ЕУ кој постојано зборува за потребата од мир во Украина и не поддржува продолжување на бесмислената војна, велејќи дека зборовите на Каја Калас се „израз на непочитување“.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата