Филипинскиот претседател побара од министрите да поднесат оставки по лошиот изборен резултат

22.05.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Филипинскиот претседател побара од министрите да поднесат оставки по лошиот изборен резултат

 Филипинскиот претседател Фердинанд Маркос Помладиот денеска побара од сите министри да поднесат оставки како дел од „ресетирањето“ на неговата администрација по минатонеделните „среднорочни“ избори, на кои голем број опозициски кандидати освоија клучни места во Сенатот.

- Барањето за оставки има за цел да му овозможи на претседателот простор да ги процени перформансите на секое министерство и да одреди кој ќе продолжи да служи во согласност со новите приоритети на неговата администрација, соопшти владата.

Најмалку 21 министер, предводени од премиерот Лукас Берсамин, или веднаш поднесоа оставки или изразија подготвеност да го сторат тоа.

- Овде не станува збор за личности, туку за перформанси. Народот проговори и очекува резултати, а не изговори. Ги слушнавме и ќе дејствуваме, рече Маркос.

Фердинанд Маркос, син на покојниот филипински диктатор соборен во 1986 година, победи на претседателските избори во 2022 година. Меѓутоа, неговата еднакво популарна потпретседателка Сара Дутерте, исто така ќерка на поранешен претседател, подоцна се разиде со него, што предизвика голем политички раскол.

Пет од 12-те места во Сенатот на среднорочните избори ги освоија сојузниците на Сара Дутерте, односно на нејзиниот татко, поранешниот претседател Родриго Дутерте, кого Меѓународниот кривичен суд во Хаг го уапси и притвори откако беше обвинет за злосторства против човештвото поради бруталната акција против шверцерите со дрога во која беа убиени илјадници осомничени.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата