Чешкиот премиер Петр Фијала денеска, на 80-годишнината од ослободувањето на германскиот концентрационен логор Терезин близу Прага, порача дека поуката од тој логор, кој им служел на хитлеровите нацисти и за пропаганда, е дека и денешните цинични лаги и еуфемизми треба да се споредуваат со нацистичките, за луѓето да не дозволат да ги затапи пропагандата.
- Терезин не беше само дел од машинеријата за убивање, туку играше значајна улога во нацистичката пропаганда. Режимот пред домашната и меѓународната јавност го прикажуваше како град што фирерот им го подарил на Евреите, иако не беше ништо друго освен пристапна станица за Аушвиц и други логори на смртта, рече Фијала на комеморацијата.
Тој предупреди дека, генерално гледано, пропагандата баш и не се менува и оти должност на сите е тогашните цинични еуфемизми да ги споредуваат со денешните.
Во име на преживеаните логораши и жртвите на најголемиот од логорите кои окупаторските германски власти ги изградиле во Протекторатот Чешка и Моравија за време на Втората светска војна, пред присутните се обрати социологот Федор Гал, кој е роден во Терезин во 1945 година.
Гал, кој зборуваше не само за воената трагедија на еврејските семејства, туку и за комунистичкиот режим кој повторно на жртвите на холокаустот им го одзел имотот од Терезин, упати поздрав до Словаците во кој предупреди дека кај нив со неверојатна брзина се враќа тоа минато.
- Не се предавајте, бранете се, спротивставувајте се, бунтувајте се, порача Гал.
Во старите австроунгарски касарни во Терезин, германските окупаторски власти од 1941 година затвориле повеќе од 155.000 Евреи од цела Европа.
Иако самиот Терезин не бил логор на смртта (туку служел како пристапна станица главно до гасните комори на најголемата германска фабрика на смртта, логорот Аушвиц-Биркенау во соседна Полска), во него од болест, глад, исцрпеност и поради нечовечки услови починале околу 35.000 Евреи.