Европските лидери утре во Париз ќе одржат вонреден самит за Украина

16.02.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Европските лидери утре во Париз ќе одржат вонреден самит за Украина

Одлуката за тоа ја соопштија од француската влада, од каде посочија дека тоа доаѓа поради загриженоста за пораките кои изминатите два дена ги упатија американските власти со цел ставање крај на војната во Украина. Иако засега нема многу детали кој се ќе присуствува, познато е дека покрај за Украина ќе се разговара и за европската безбедност.

„Претседателот на Републиката ќе ги собере главните европски земји утре на дискусии за европската безбедност.“ -изјави Жан Ноел Баро – министер за надворешни работи на Франција.

Во меѓувреме, специјалниот претставник на Трамп за Украина, Кит Келог од Минхенската безбедносна конференција директно порача дека доколку има преговори за мир во Украина, на преговарачката маса нема да има место за Европа. Келог додаде и дека Русија би можела да прави територијални отстапки во можните преговори.

И прашање: Може ли да ја уверите публиката дека Украинците ќе бидат на масата и европејците ќе бидат на масата?

„Ох добро, штотуку ја променивте целата динамика....Одговорот на последното прашање е не. Одговорот на првиот дел од прашањето е да. Секако дека украинците ќе бидат на масата. Би било глупаво да се каже дека нема да бидат. Но кога ќе кажете на масата вие мора да дефинирате.....“ -изјави Кит Келог – специјален американски претставник за Украина.

Најавата за утрешниот состанок во Париз доаѓа речиси истовремено со информацијата дека американски и руски претставници деновиве ќе седнат на заедничка маса во Саудиска Арабија каде ќе разговараат за ставање крај на речиси тригодишната војна во Украина.

На средбата како што објавуваат американските медиуми, се очекува да биде присутен американскиот државен секретар Марко Рубио кој од утринава е во официјална посета на Израел. Дополнително, се очекува да биде присутен и советникот за национална безбедност Мајк Волц, како и пратеникот на Белата куќа за Блискиот Исток Стив Виткоф, а засега не е познато кој би ја претставувал официјална Москва на евентуалната средба.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата