ЕУ планира да воведе царини за стоки од Соединетите Американски Држави во вредност од 100 милијарди евра доколку преговорите меѓу Вашингтон и Брисел во врска со евентуалното намалување на најавените американски царини за членките на ЕУ не успеат, објави Блумберг, повикувајќи се на неименувани добро информирани извори.
Извори изјавија дека списокот со предложени нови европски царини за САД ќе биде дистрибуиран до земјите-членки уште утре, а консултациите ќе траат еден месец пред да биде финализиран списокот.
Тие изјавија дека списокот може да се промени во тој период.
Европската комисија (ЕК) ќе го сподели документот со САД оваа недела во обид да започне преговори за намалување на американските царини кон ЕУ.
Мал напредок е постигнат во преговорите меѓу ЕУ и САД, кои започнаа минатиот месец, а се очекува поголемиот дел од американските царини да останат на сила, објави Блумберг.
ЕУ веќе воведе царини за американски стоки во вредност од 21 милијарда евра како одговор на царините од 25 проценти за извоз на челик и алуминиум воведени од американскиот претседател Доналд Трамп.
ЕУ се согласи претходно овој месец да го одложи спроведувањето на тие мерки за 90 дена откако САД ја намалија таканаречената реципрочна стапка за поголемиот дел од извозот на ЕУ од 20 проценти на 10 проценти, додека траат преговорите.
Трамп, исто така, воведе царина од 25 проценти на увозот на автомобили од ЕУ, како и на некои автоделови.
Американскиот претседател размислува за воведување царини за увоз на дрва, фармацевтски производи, полупроводници, ретки минерали и камиони од ЕУ.