ЕУ на разговори со САД за можен договор за царините

13.04.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ЕУ на разговори со САД за можен договор за царините

Следната недела комесарот за трговија на Европската комисија, Марош Шефчович, во Вашингтон ќе разговара со американски претставници за можен договор за царина, а во Луксембург се среќаваат министрите за надворешни работи на земјите-членки.

Шефчович утре ќе разговара со американски претставници.„Европската унија се надева на договор за „избегнување на царини и штетна ескалација за двете страни на Атлантикот“, изјави портпаролот на Комисијата, Олоф Гил.

ЕУ го суспендира одговорот на царините

Европската унија на 90 дена ги суспендираше контрамерките кон САД усвоени како одговор на американските царини за алуминиум и челик, откако американскиот претседател Доналд Трамп одлучи да ги намали таканаречените реципрочни царини што ги воведе за околу шеесет земји во различен процент.

Во знак на добра волја и за отворање на вратата за преговори, Европската унија ги стави во мирување своите контрамерки, иако американските царини за алуминиум и челик, како и за автомобили и автомобилски делови остануваат на сила.

„Сакаме да им дадеме шанса на преговорите. Доколку преговорите не бидат задоволителни, нашите контрамерки ќе стапат на сила“, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен минатата недела.

Во понеделник во Луксембург се среќаваат министрите за надворешни работи на земјите членки. Главните теми се руската агресија врз Украина, ситуацијата на Блискиот исток и односите со Африка. За време на работниот ручек ќе се разговара за состојбите во Западен Балкан, особено Босна и Херцеговина и Србија. На дискусијата ќе учествуваат и министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан.

Разговори со Палестина и Албанија

Првиот политички дијалог на високо ниво меѓу ЕУ и палестинската управа ќе се одржи на маргините на министерскиот состанок. Двете страни ќе разговараат за ситуацијата во Газа и Западниот Брег, билатералните односи и можниот напредок кон решение со две држави. ЕУ подготвува голем пакет економска помош за палестинските власти.

Со состанокот ќе претседаваат високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас и палестинскиот премиер и министер за надворешни работи Мохамад Мустафа. Комисијата ќе ја претставуваат комесарот за Медитеран, Дубравка Шуица и комесарот за подготвеност и управување со кризи, Хаџа Лахбиб.

Во понеделник, во Луксембург ќе се одржи и меѓувладина конференција за пристапување со Албанија, каде земјата ќе ги отвори преговорите во кластерот 2 (внатрешен пазар), кој вклучува поглавја за слободно движење на стоки, слобода на трудот, право на основање бизнис и слобода на давање услуги, слободно движење на капитал, право на трговски друштва, право на интелектуална сопственост, пазарна конкуренција и заштита на потрошувачите и финансиски услуги.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата