ЕУ ќе се вооружува, но не со американско оружје- одлука што нема да му се допадне на Трамп

12.03.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
ЕУ ќе се вооружува, но не со американско оружје- одлука што нема да му се допадне на Трамп

Земјите од Европската унија мора да купат воена опрема произведена во Европа во рамките на новата програма за заем дизајнирана да ја зајакне безбедноста на континентот, изјави висок претставник на ЕУ, иако најголемиот дел од нејзиниот одбранбен материјал моментално доаѓа од американски добавувачи.

На самитот минатата недела, 27-те лидери на ЕУ разговараа за предлогот на Европската комисија за нов план за заем од 150 милијарди евра (163 милијарди долари). Средствата ќе бидат искористени за купување системи за противвоздушна одбрана, беспилотни летала и „стратешки ресурси“ како што е воздушниот транспорт, како и за зајакнување на сајбер безбедноста, пренесува АП.

„Овие заеми треба да ги финансираат купувањата од европските производители, за да помогнат во зајакнувањето на нашата сопствена одбранбена индустрија“, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен пред пратениците на ЕУ.

Фон дер Лејен нагласи дека „договорите треба да бидат повеќегодишни, за индустријата да ја има потребната предвидливост“ и дека приоритет треба да биде заедничкото купување опрема во групи земји, „бидејќи видовме колку моќно може да биде тоа“.

Европските членки на НАТО во последниве години даваа околу две третини од своите нарачки на американски компании, но предупредувањата од администрацијата на Доналд Трамп дека ќе мора да се грижат за сопствената безбедност, како и за безбедноста на Украина, ги поттикнуваат на акција.

Франција сака ЕК да инвестира повеќе пари во шемата за заем и инсистира средствата да се трошат исклучиво во Европа. Шпанија, една од петте земји од еврозоната со нивоа на долг над 100% од БДП, се залага за грантови наместо заеми.

Лидерите на ЕУ се очекува да го одобрат планот за заем на друг самит на крајот на следната недела, а ЕК верува дека тоа би можело да биде од корист за околу 20 земји чии трошоци за задолжување се повисоки од оние на извршната власт на ЕУ.

Ова е дел од пакетот мерки - вклучително релаксирање на буџетските правила за трошоците за одбрана и прераспределба на средствата на ЕУ - за кои Европската комисија верува дека може да обезбеди до 800 милијарди евра (874 милијарди американски долари) за безбедносни приоритети.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата