Претставници на Ерменците од Нагорно-Карабах изјавија дека се слушнале истрели во центарот на главниот град во регионот.
Азербејџан денеска започна разговори со претставници на Ерменците од Нагорно-Карабах, откако нивните сили беа принудени да се предадат и да потпишат примирје, што предизвика протести и повици за оставка на ерменскиот премиер Никол Пашинјан.
Во меѓувреме, Министерството за одбрана на Азербејџан ги отфрли информациите за напредување на азербејџанската армија до главниот град Нагорно-Карабах, кој Ерменците го нарекуваат Степанакерт, а Азербејџанците Ханкенди.
„Информациите објавени од неколку ерменски профили на социјалните мрежи дека вооружените сили на Азербејџан наводно тргнале во офанзива во правец на Ханкенди не соодветствуваат со вистината и се дезинформации. Ние категорично ја побиваме оваа информација“, се вели во соопштението од азербејџанското Министерство за одбрана.