Борбите што избувнаа во вториот по големина регион во Етиопија на почетокот на оваа недела брзо ескалираа во безбедносна криза. Регионалната влада на Амхара вчера побара дополнителна помош од федералните власти за воспоставување ред.
Во соопштението од кабинетот на премиерот Абија Ахмед во кое се објавува вонредната состојба не се наведува дали таа се однесува само на Амхара или на целата земја. „Неопходно е да се прогласи вонредна состојба бидејќи стана тешко да се контролира состојбата со редовниот правен систем“, се вели во соопштението.
Декларацијата ѝ дава овластувања на владата да забрани јавни собири, апсења без налог и да воведе полициски час. Фано беше клучен сојузник на војската (ENDF) за време на двегодишната граѓанска војна во соседниот регион Тигре, која заврши во ноември, но односите се влошија поради напорите на федералните власти да ги ослабат регионалните паравоени групи.
Двајца жители на градот Гондар во Амхара изјавија дека претходниот ден имало интензивни борби во близина на универзитетот. „ЕНДФ прво го контролираше универзитетот, но Фано ги потисна. Се обидоа да напредуваат до центарот на градот, но не можеа“, вели еден од жителите.
Друг, исто така локален функционер, под услов да остане анонимен, рече дека армијата се повлече од универзитетот. Еден член на Фано, кој исто така сакал да остане анонимен, рече дека милициите се обидуваат да го опколат главниот град на Амхара, Бахир Дар. Тој рече дека го зазеле Мерави, град на 30 километри јужно од Бахир Дар.
Мобилниот интернет остана неактивен во регионот, велат жителите. Етиопијан ерлајнс ги откажа летовите до три од четирите аеродроми во Амхара, изјави портпаролот на авиокомпанијата.
Насилни протести избија низ Амхара и во април, откако Аби наредил безбедносните сили од 11 етиопски региони да се интегрираат во полицијата или националната армија. Демонстрантите рекоа дека наредбата имала за цел да ја ослабне Амхара и да ја направи ранлива на напади од соседните региони. Федералната влада го негираше ова и рече дека целта е да се обезбеди национално единство.