Ердоган: Турција е подготвена за евентуално повлекување на американските сили од Сирија

20.11.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Ердоган: Турција е подготвена за евентуално повлекување на американските сили од Сирија

Турција е подготвена за можноста Соединетите Американски Држави да ги повлечат своите воени сили од северна Сирија, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, враќајќи се од Бразил, каде што присуствуваше на самитот на Г-20, пренесе турската државна телевизија ТРТ Хабер.

Ердоган изрази надеж дека новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, ќе ја исполни својата реторика за завршување на војните, оценувајќи дека тоа може да создаде нова клима за мирно решавање на конфликтите во регионот.

- Се надеваме дека ќе бидеме сведоци на настани кои ќе ги оправдаат нашите позитивни очекувања и ќе ги елиминираат проблемите на еден начин, рече тој.

Во однос на можноста администрацијата на Трамп да ги повлече американските сили од Сирија, Ердоган истакна дека Турција е подготвена за таков потег, нагласувајќи дека националната безбедност останува приоритет.

- Одлучни сме да ставиме крај на тероризмот. Немаме апсолутно никаква толеранција за организации надвор од нашите граници кои претставуваат закана за нашата национална безбедност, подвлече тој, нагласувајќи дека Турција ќе продолжи да се бори против тероризмот.

Ердоган додаде дека Турција е подготвена како за евентуално повлекување на САД од Сирија, така и за моменталната реалност. „Националната безбедност за нас е над сѐ“, рече тој, дополнувајќи дека земјата води неопходни разговори со Русија за подобрување на состојбата во Сирија. /МИА

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата