Крузерот, кој патувал од Аргентина до Зеленортските острови, бил задржан покрај брегот, а на патниците им било забрането да го напуштат бродот. Случајот со инфекција на крузерот е под истрага.
Властите на Зеленортските острови објавија дека на патниците нема да им биде дозволено да се истоварат за да се заштити локалното население. Претседателката на локалниот институт за јавно здравје (INSP) потврди дека никој не го напуштил крузерот, кој сè уште е надвор од пристаништето Праја.
Забрана за истовар
„Бродот ќе продолжи со својата рута и патниците нема да се истоварат тука во земјата за да се заштити населението“, рече таа. Локалните медиуми објавија дека медицинските екипи го посетиле бродот за да прегледаат две лица за кои се сомнева дека се заразени.
Претседателката на институтот додаде дека лекарите се вратиле на бродот за да лекуваат еден пациент, но не даде повеќе детали за нивната состојба. Иако првичните извештаи во неделата сугерираа дека бродот се закотвил во главниот град Праја, податоците од веб-страницата за следење на морскиот сообраќај MarineTraffic покажаа дека бродот останал на море, во голема мера неподвижен надвор од пристаништето.
Холандската туристичка компанија Oceanwide Expeditions потврди дека на нивниот поларен експедициски брод се случила „сериозна медицинска ситуација“. Крстосувачот испловил од Аргентина пред околу три недели со околу 150 патници, а на пат кон островите Зелен ’Рт застанал, меѓу другите места, и на Антарктикот.
Жртви и страдалници
Портпаролот на холандското Министерство за надворешни работи ја потврди смртта на двајцата холандски патници, без да даде дополнителни детали. Светската здравствена организација (СЗО) објави дека еден од болните патници е на одделот за интензивна нега во Република Јужна Африка.
Според Sky News, кој се повикува на Министерството за здравство на Јужна Африка, тој е британски државјанин. Светската здравствена организација (СЗО) објави во понеделник дека ризикот што го претставува хантавирусот за пошироката јавност е сè уште низок, и покрај сомневањата за појава на вирусот на крузерот.
Регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Анри П. Клуге, изјави: „Ризикот за пошироката јавност останува низок. Нема потреба од паника или ограничувања за патување.“ СЗО објави дека ја истражува епидемијата и олеснува координација меѓу земјите-членки и операторите на бродови за медицинска евакуација на патниците и проценка на ризикот.

