Додека ја напуштаа Белата куќа, Трамп коментираше за политички теми, особено околу Украина, но еден необичен детаљ за Меланија го привлече вниманието на сите. Имено, првата дама, која е позната по тоа што секогаш носи совршени чевли, со вртоглави потпетици, овој пат одеше во балетанки.
И додека Меланија одвлекуваше внимание со својот совршен стил, претседателот Трамп рече дека САД се „прилично блиску“ до финализирање на мировен договор меѓу Русија и Украина.
Трамп ги изговори овие зборови додека рускиот претседател Владимир Путин преговараше со специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, во Кремљ.
„Средбата со Путин е во тек додека зборуваме“, им рече Трамп на новинарите додека ја напушташе Белата куќа.
„Имаме многу работи што се случуваат, но мислам дека на крајот ќе завршиме со добивање добри договори, вклучувајќи царини и трговија, но ќе се обидеме да ја запреме војната“, рече Трамп.
„Мислам дека сме многу блиску“, рече Трамп пред да се упати кон Рим.
Трамп денес изјави дека нема „рок“ за постигнување договор, но дека сака „да го заврши што е можно побрзо“. Ова е во спротивност со претходните изјави на државниот секретар Марко Рубио, кој, треба да се потсетиме, минатата недела предупреди дека САД ќе ги напуштат своите напори за посредување во мирот „во рок од неколку дена“ доколку нема значителен напредок.