Пакистанскиот премиер – Шехбаз Шариф како и шефот на иранската дипломатија, Абас Аракчи, без притоа да откријат повеќе детали за содржината, соопштија дека меморандумот за разбирање е во финална фаза.
-Поблиску сме до мировен договор од кога било досега. Со финализирање кое веројатно се очекува во следните 24 часа, Пакистан се подготвува за електронско потпишување на мировниот договор веднаш потоа, по што ќе следат разговори на техничко ниво следната недела.Уверени сме дека овој историски мировен договор ќе формира силна основа за траен мир.- Шехбаз Шариф, премиер на Пакистан
Сепак, засега остануваат конфликтните изјави на Аракчи и американскиот претседател Доналд Трамп околу делот за Иранската нуклеарна програма во договорот. Според Аракчи, нуклеарното прашање ќе биде одложено за втората фаза од разговорите која би траела околу 60 дена. Додека пак, Трамп тврди дека Иран веќе се согласил да ја напушти својата нуклеарна програма. Дополнително не е прецизирано и како евентуален договор ќе влијае врз Ормускиот теснец и поморскиот сообраќај во тој дел од светот.
-Од различни причини, што беше невозможно да се дискутираат во сегашната ситуација и барањата што ги имаа беа неприфатливи, се согласивме на втора фаза од разговорите. Во втората фаза ќе се постигне конечен договор, заедно со разговори за ублажување на санкциите на Иран и неколку други прашања што ќе ги дискутираме подоцна, и ќе се постигне конечен договор. Во сегашниот договор, кој е познат како Меморандум за разбирање од Исламабад, војната ќе заврши.- Абас Аракчи, министер за надворешни работи на Иран
Аракчи додаде дека во меморандумот за разбирање тие инсистираат да биде вклучен и прекин на израелското бомбардирање врз Либан, кое засега продолжува. Во меѓувреме, откако Трамп посочи дека потпишувањето на мировниот договор би се одвивало во Европа иако мировните преговори ги води Пакистан, Швајцарија веќе се понуди да биде домаќин на церемонијата на потпишувањето што според светските медиуми, би можело да се случи за време на Самитот на Г7 земјите што започнува утре.

