Бројот на загинати во поплавите во Нигерија надмина 200, уште 700 се водат за исчезнати

3.06.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Бројот на загинати во поплавите во Нигерија надмина 200, уште 700 се водат за исчезнати

Сепак, локален службеник во најтешко погодената нигериска држава Нигер, Муса Кимбоку, изјави дека спасувачките напори се прекинати бидејќи властите не веруваат дека има преживеани, објави Би-Би-Си.

Поплавите, најлошите во областа во последните 60 години, го погодија градот Моква по обилните дождови и однесоа сè во градовите Тифин Маза и Ангуван Хаусава.

Некои локални жители рекоа дека поплавите биле толку катастрофални бидејќи пукнала блиската брана, но властите не го потврдија ова. Националната агенција за управување со вонредни состојби вчера соопшти дека започнала процесот на дистрибуција на пакети за помош на погодените.

Агенцијата додаде дека поплавите оштетиле и патишта и мостови, што довело до прекини во сообраќајот на многу места. Нигерискиот Црвен крст соопшти дека поплавите предизвикале значителни жртви и уништување.

Локалниот службеник Муса Кимбоку изјави дека властите во моментов ги ексхумираат телата закопани под урнатините за да спречат ширење на болести.

Нигерија често е погодена од сезонски поплави, особено по бреговите на реките Нигер и Бенуе. Поплавите во септември минатата година убија најмалку 30 лица, а милиони беа раселени во североисточниот нигериски град Мајдугури.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата