Белата куќа и демократите постигнаа договор за финансирање, избегната блокада на владата

30.01.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Белата куќа и демократите постигнаа договор за финансирање, избегната блокада на владата

Договорот го поддржа и американскиот претседател Доналд Трамп, јави Еуроњуз.

Двете страни се согласија да го издвојат финансирањето на внатрешната безбедност од сеопфатниот закон за буџет и да обезбедат средства за работа на министерството во следните две недели. Во тој период ќе продолжат преговорите за барањата на демократите да се ограничат овластувањата на Имиграциската и царинската служба (ИЦЕ), која делува во рамките на ДХС.

„Републиканците и демократите се обединија за да обезбедат финансирање за огромното мнозинство од владата до септември“, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Трут Соушл“ (Truth Social). „Се надевам дека и републиканците и демократите ќе ја дадат толку потребната двопартиска поддршка“, додаде тој.

Договорот е постигнат откако демократите во Сенатот вчера го блокираа законот за финансирање на ДХС. Тие побараа двонеделно продолжување и се заканија со блокада на целокупниот буџет доколку нивните барања не бидат исполнети, што би предизвикало нова парализа на владата.

Овој потег уследи по смртоносното пукање во Минеаполис, во кое сојузни агенти усмртија двајца 37-годишни американски државјани, Алекс Прети и Рене Гуд. Нивната смрт предизвика силна реакција во јавноста и ги обедини демократите во нивните барања.

Пред само два месеци владата беше во блокада 43 дена бидејќи демократите го блокираа буџетот поради укинувањето на сојузните субвенции за здравствена заштита. Тогаш блокадата заврши откако помала група умерени демократи постигна договор со републиканците. Овој пат, по смртта на Прети и Гуд, демократите се значително пообединети.

Сенаторите од двете партии повикаа на целосна истрага за смртта на двајцата граѓани, а лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, тој настан го нарече „момент на вистината“.

И покрај привремениот договор, се очекува преговорите за конечното решение за финансирање на Министерството за внатрешна безбедност да бидат тешки. Демократите бараат прекин на острата имиграциска политика што ја спроведува администрацијата на Трамп, но малку е веројатно дека републиканците ќе се согласат на сите нивни барања.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата