Белата куќа бара од ЕУ да ја усогласи емисијата на метан при увоз на ЛНГ со онаа во САД

14.11.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Белата куќа бара од ЕУ да ја усогласи емисијата на метан при увоз на ЛНГ со онаа во САД

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден побара од Европската унија автоматски да ги усогласи своите стандарди за емисија на метан за увоз на течен природен гас (LNG) со американските регулативи за да се обезбеди непречен увоз од Соединетите држави, се вели во писмото што го видел Ројтерс.

Агенцијата вели дека поврзувањето на американските и европските стандарди за метан ќе ја заштити нивната растечка трговија со течен природен гас.

- Разбираме дека овој процес ќе потрае некое време. Сепак, сакаме да започнеме разговори што е можно поскоро и да обезбедиме континуирани, сигурни и стабилни испораки на природен гас од Соединетите Американски Држави во Европа - напишаа американските власти во писмото од 28 октомври, само неколку дена пред Доналд Трамп да победи на изборите во САД.

Земјите од Европската унија во мај одобрија закон со кој се наметнуваат ограничувања на емисијата на метан за увоз на нафта и гас во Европа почнувајќи од 2030 година, со што се врши притисок врз меѓународните добавувачи постепено да се усогласат со новите стандарди.

Администрацијата на Бајден донесе свои правила за емисиите на метан кон крајот на минатата година, но постои можност Доналд Трамп да ги смени или суспендира за да ги намали трошоците на американската енергетска индустрија.

Метанот, главната компонента на течниот природен гас, значително придонесува за штетното влијание врз климата, а повеќе од 150 земји во светот се обврзаа да ги намалат своите емисии на метан за 30 проценти во оваа деценија како дел од борбата против климатските промени.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата