Американскиот Конгрес ги разгледува предлозите за вештачка интелигенција

9.06.2023
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Американскиот Конгрес ги разгледува предлозите за вештачка интелигенција

Првиот предлог бара транспарентност од американската влада при користење вештачка интелигенција во интеракција со граѓаните, додека вториот предлог бара формирање нова Канцеларија чиј приоритет ќе биде конкурентноста на САД кога се во прашање модерните технологии.

Законодавците размислуваат за нови правила потребни поради порастот на вештачката интелигенција, која стана актуелна оваа година благодарение на употребата на ChatGPT, програма која одговара на прашања во писмена, структурирана форма.

Демократскиот сенатор Гери Питерс, исто така претседател на Комитетот за национална безбедност, заедно со колегите републиканци Мајк Браун и Џејмс Ланкфорд, дадоа предлог со кој владините агенции ќе мора да ги известат граѓаните кога користат програми за вештачка интелигенција за да комуницираат со нив.

Овој предлог ги обврзува и владините агенции да овозможат приговори за можните одлуки донесени од вештачката интелигенција.

„Сојузната влада мора да биде активна и транспарентна во врска со употребата на вештачка интелигенција и да обезбеди одлуките да не се носат без човечка рака ‘зад воланот’“, рече Браун.

Демократите Мајкл Бенет и Марк Ворнер и републиканскиот претставник Тод Јанг бараат формирање Канцеларија за анализа на глобалната конкуренција, чија главна задача ќе биде да ги задржи САД како лидер во развојот на вештачката интелигенција.

„Не можеме да си дозволиме да ја изгубиме предноста во развојот на технологии, вклучително и вештачката интелигенција, пред конкуренти како Кина“, рече Бенет.

На почетокот на неделава, лидерот на демократите во Сенатот Чак Шумер изјави дека договорил три средби, од кои првата ќе биде зад затворени врати, на кои сенаторите ќе можат детално да се запознаат со темата.

На овие состаноци претставниците ќе разговараат за актуелниот развој на вештачката интелигенција, американското лидерство во областа на вештачката интелигенција и голем број доверливи прашања за одбраната и разузнавањето. /МИА

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата