Американски медиуми: Почна офанзивата на Украина

8.06.2023
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Американски медиуми: Почна офанзивата на Украина

Снимките од дрон покажуваат области каде што остануваат само покривите над водата. Гувернерот на регионот објави дека под вода се околу 600 квадратни километри. Уривањето на браната се случи во пресрет на очекуваната украинска контраофанзива, што очигледно е нова фаза од војната во која веќе десетици илјади луѓе ги загубија животите.

NBC News, повикувајќи се на извори од украинската војска, јавува дека офанзивата веќе започнала. „Вашингтон пост“ цитира „четири лица“ од вооружените сили кои го кажале истото.

Генералштабот на украинските вооружени сили, на прашањето за овие извештаи, одговори дека „нема такви информации“. Претходно, украинската армија преку видео снимка на социјалните мрежи повика на молк во врска со своите операции.

Британското Министерство за одбрана во својот дневен извештај пишува за тешки борби во „повеќе сектори на фронтот“, додавајќи дека Киев има иницијатива во повеќето области.

Украинската армија објави дека поплавите во близина на Херсон ги принудиле руските сили да се повлечат пет до петнаесет километри и дека руските артилериски напади „речиси се преполовиле“.

Киев и Москва меѓусебно се обвинуваат за уништување на браната Нова Каховка, а денеска и за гранатирањето на областа каде што е во тек евакуацијата. Во руски напад загина цивил во Херсон, приближно 60 километри низводно од браната, објави украинскиот државен обвинител, додавајќи дека две лица се повредени.

Кремљ возврати со обвинувања за напади врз спасувачките служби во областа, но не обезбеди докази. Украина објави дека неколку стотици илјади луѓе останале без вода за пиење поради поплавата и дека се потопени илјадници хектари земјоделски површини.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на „јасен и брз“ меѓународен одговор во помош на жртвите од поплавите и одржа вонредни разговори со властите во Херсон.

„Важно е да се пресметаат штетите и да се доделат средства за обештетување на жителите погодени од оваа катастрофа и да се развие програма за компензација за загубите и преместување на компаниите во регионот“, рече тој.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата