Дебатата во Советот за безбедност откри длабоки поделби меѓу светските сили по апсењето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата сопруга, Силија Флорес.
Амбасадорот на Кина во ОН, Фу Конг, ги обвини САД за грубо кршење на меѓународното право. „Како постојана членка на Советот, САД ги игнорираа сериозните загрижености на меѓународната заедница, безгрижно ги погазија суверенитетот, безбедноста и легитимните права и интереси на Венецуела и сериозно ги прекршија принципите на суверена еднаквост“, рече Фу.

Кинескиот амбасадор нагласи дека ниедна земја не може да се наметне како глобален авторитет.
„Ниту една земја не може да дејствува како светски полицаец, ниту пак која било земја може да се преправа дека е меѓународен судија“. Кина, исто така, упати јасен повик до САД веднаш да ги ослободат Мадуро и неговата сопруга.
Рускиот амбасадор Василиј Небензија рече дека интервенцијата на САД ги шокирала сите што се надевале на нов пристап од администрацијата на Трамп, фокусиран на „дипломатија и барање компромис“.
Наместо тоа, Небензија верува дека сме сведоци на опасен преседан.

„Нападот врз венецуелскиот лидер стана предвесник на враќањето во ерата на беззаконие и доминација на САД со сила, хаос и беззаконие“, рече тој. Амбасадорот на Русија воедно додаде дека нема оправдување за „злосторствата“ на САД и го повтори своето барање за ослободување на уапсената венецуелска двојка. Москва во последно време честопати ја фалеше надворешната политика на Доналд Трамп во минатото, особено за неговиот помек став за војната на Русија во Украина, велејќи дека тој „во голема мера се совпаѓа со нашата визија“.
Американскиот амбасадор во ОН, Мајк Валц, одлучно ги отфрли обвинувањата, инсистирајќи дека „нема војна во Венецуела“. Тој објасни дека ова не е воена окупација, туку акција со цел.
„Ние не ја окупираме земјата. Ова беше операција за спроведување на законот со цел реализација на законските обвиненија што постојат со децении“, рече Валц.
Тој направи паралела со американското апсење на поранешниот панамски лидер Мануел Нориега во 1989 година како преседан за ваков вид акција. Валц објави дека „неоспорни докази“ за злосторствата на Мадуро, кои вклучуваат обвинувања за наркотероризам, увоз на кокаин и трговија со оружје, ќе бидат „јавно презентирани во судските постапки во САД“.
Американскиот дипломат заврши со зборовите : „Мадуро не е само обвинет за шверц на дрога. Тој беше нелегитимен таканаречен претседател. Сакам да повторам дека претседателот Трамп ѝ даде шанса на дипломатијата. Му понуди на Мадуро повеќе понуди, се обиде да ја деескалира ситуацијата. Мадуро одби да ги прифати.“

