Лидерката на венецуелската опозиција и добитничка на Нобелова награда за мир, Марија Корина Мачадо денеска изјави дека е време да се ослободат сите политички затвореници во Венецуела, да се врати вистината и да се воспостави правда наместо неказнивост, како и да се стави крај на практиката на повторни апсења и прогон на неистомисленици.
Политичкото движење „Vente Venezuela“ наведе дека транзицијата кон демократија во Венецуела не е само израз на волјата на народот, туку и „незапирлив и неповратен процес“, во кој, како што се истакнува, оние кои сè уште нелегитимно ги контролираат државните институции се принудени да признаат дека суверенитетот му припаѓа на народот, се наведува во објава на Мачадо на социјалната мрежа Икс.
„Целта на актуелниот политички процес е да се врати суверенитетот на граѓаните и да се врати институционалниот поредок во согласност со уставот и меѓународните обврски на Венецуела“, се наведува во соопштението на политичкото движење „Vente Venezuela“.

