- Нема да дозволиме никакво нарушување на правата на нашиот народ, за кои се бориме со децении и за кои сме платиле огромна цена, изјави Абас.
Тој нагласи дека палестинските права не се предмет на преговори и повтори дека единственото решение кое може да донесе стабилност во регионот е решението за две држави, со границите од 1967 година.
- Овие повици претставуваат сериозно кршење на меѓународното право. Мир и стабилност во регионот нема да има без формирање независна палестинска држава со Ерусалим како главен град, во границите од 4 јуни 1967 година, истакна Абас, додавајќи дека палестинскиот народ нема да се откаже од својата земја, права и „свети места“.
Абас потенцираше дека Појасот Газа е составен дел на „Палестинската држава, заедно со Западниот Брег и Источен Ерусалим, кои се под окупација од 1967 година“.
- Палестинската ослободителна организација е единствениот легитимен претставник на палестинскиот народ и независен носител на одлуки. Никој нема право да одлучува за иднината на нашиот народ во наше име, предупреди Абас.
Тој изрази благодарност за „цврстите и непоколебливи позиции“ на арапските земји против раселувањето и анексијата, како и за нивната поддршка за независна палестинска држава со Ерусалим како главен град – што, според него, е основен предуслов за постигнување мир во регионот во согласност со меѓународните резолуции и Арапската мировна иницијатива.
Абас повика генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, и Советот за безбедност да преземат одговорност и да усвојат итни мерки за заштита на договорените меѓународни резолуции, како и за заштита на палестинскиот народ и неговите неотуѓиви права, вклучително и правото на самоопределување и останување во својата татковина.
- Палестинскиот народ и неговото раководство остануваат посветени на меѓународниот легитимитет и Арапската мировна иницијатива, која предвидува создавање на независна и суверена палестинска држава на територијата на Појасот Газа и Западниот Брег, вклучително и Источен Ерусалим како нејзина вечна престолнина, заклучи Абас.
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп, на заедничка прес-конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, изјави дека САД ќе ја „преземат“ контролата врз Појасот Газа и ја претстави својата визија за оваа територија како „Ривиера на Блискиот Исток“.
Трамп најави дека САД ќе бидат одговорни за отстранување на неексплодирани бомби и оружје, како и за обнова на уништените објекти. Тој не ја исклучи можноста за распоредување американски трупи за обезбедување безбедност, нагласувајќи дека Вашингтон ќе преземе сè што е потребно за стабилизација на регионот.
Американскиот претседател уште еднаш го повтори својот предлог за трајно раселување на палестинското население, посочувајќи дека тие би можеле да се преселат во арапски земји како Јордан и Египет, бидејќи, според него, Газа во моментов е „само урнатина“. /МИА