Режисерот на „Е.Т.“ и „Војна на световите“ изјави на годишната конвенција за филмска индустрија CinemaCon дека решил да се врати на темата за вонземскиот живот откако прочитал извештај на „Њујорк тајмс“ од 2017 година за американските воени пилоти кои пријавиле дека виделе мистериозни летачки објекти.
„Навистина верувам дека овој филм ќе одговори на прашања. А овој филм ќе ве натера и да поставите многу прашања. Сè што ви треба од почеток до крај е сигурносен појас“, рече тој, без да открие детали за заплетот, објави Ројтерс.
Кратки сцени прикажани на публиката покажуваат вонземјанин како се наведнува над дете. Во филмот глумат Емили Блант, Џош О'Конор, Колман Доминго и Колин Ферт, а премиерата е закажана за јуни.
Спилберг го опиша својот филм за НЛО од 1977 година „Блиски средби од трет вид“ како своја „шпекулација“ за интелигентен живот на други планети.
На истиот настан, режисерот Кристофер Нолан го промовираше својот нов филм „Одисеја“, кој треба да се појави во кината во јули.
„Одисеја е приказна што фасцинира генерација по генерација веќе 3.000 години“, рече тој.
Нолан рече дека снимањето било исклучително напорно, истакнувајќи дека актерот Мет Дејмон, кој ја игра главната улога, работел во тешки услови на отворено.
„Тој беше само таму, на бродови, горе во планините, во пештери, на светлото сонце, на поројниот дожд, на ветерот. Се претпоставува дека ќе биде тешко. Тоа е природата на приказната“, рече Нолан.
Филмот, чие прикажување е закажано за јули, е базиран на Хомеровиот еп за грчки крал кој се обидува да се врати дома по Тројанската војна.
Конвенцијата CinemaCon се одржува во Лас Вегас и ги собира сопствениците на кина, филмските студија и дистрибутерите од целиот свет.

