Повеќе од 130 предмети што му припаѓаа на покојниот американски актер Метју Пери, најпознат по улогата на Чендлер Бинг во ТВ серијата „Пријатели“, ќе бидат понудени на аукција на 5 јуни во Далас, САД, а дел од приходите ќе одат во Фондацијата Метју Пери за помош на луѓето со проблеми со зависност.
Како што денес објави BFM TV, аукцијата во јуни во Соединетите Американски Држави ќе вклучува уметнички дела од Бенкси, сценарио за култната серија „Пријатели“, како и околу 130 предмети, вклучувајќи го неговиот омилен часовник и спомени од детството.
Претставничката на Heritage Auctions, Роберта Крамер, изјави дека продажбата вклучува „различни предмети од животот на актерот“.
„Постојат предмети поврзани со неговата работа во серијата „Пријатели“ и други телевизиски и филмски проекти, но и многу многу лични предмети, од детството до зрелоста“, рече Крамер.
Аукцијата е со цел да се соберат пари за Фондацијата Метју Пери, организација што им помага на луѓето што се борат со зависност.
Според Крамер, актерот ја основал фондацијата за да ја искористи својата „слава и искуство со зависноста за да им помогне на другите“.
Актерот, кој го играше Чендлер Бинг во ситкомот на NBC, беше пронајден мртов во 2023 година на 54-годишна возраст откако јавно проговори за своите проблеми со зависноста.
Според истрагата, Пери примал кетамин под медицински надзор како дел од терапијата против депресија, но повторно почнал да го користи анестетикот, кој често се злоупотребува поради неговите стимулирачки и еуфорични ефекти, на есен 2023 година.
Неколку лица се осудени за смртта на актерот, вклучувајќи го и Џасвин Санга, дилер познат како „Кралицата на кетаминот“, кој го снабдувал Пери со дрогата.

