Американскиот актер Кевин Спејси повторно ќе се појави пред британското судство во октомври 2026 година, овој пат во граѓанска постапка, поради обвинувања за сексуален напад поднесени од тројца мажи, објави Високиот суд во Лондон.
Во 2023 година, Спејси беше ослободен во Обединетото Кралство од обвиненијата за сексуален напад врз четири мажи, по кривичен судски процес што траеше неколку недели.
Двајца од нив сега го гонат во граѓанска постапка. Ним им се придружи и трет тужител, британскиот актер Руари Канон. Кевин Спејси, кој освои Оскар за своите улоги во „Американска убавина“ и „Вообичаени осомничени“, тврди дека не е виновен.

Ќе се одржат и други рочишта
Кариерата на популарниот 66-годишен актер е засенета од неколку обвинувања од 2017 година како дел од движењето #MeToo. На прелиминарното рочиште вчера во Високиот суд во Лондон, судијката Кристина Ламберт привремено го одреди октомври 2026 година како датум за сослушување на трите тужби.
Дотогаш, ќе се одржат и други рочишта за да се одлучи дали тужбите ќе се разгледуваат заедно или одделно. Настаните што се предмет на тужбите се случиле помеѓу 2004 и 2015 година, кога Спејси бил уметнички директор на театарот „Олд Вик“ во Лондон. Двајца од тужителите биле млади актери во тоа време, според судските записи.

