Актерот исто така ќе биде додаден во францускиот регистар на сексуални престапници.
Депардје, кој не беше присутен при изрекувањето на пресудата, ги негираше обвинувањата.
Одлуката не е конечна. Адвокатот на Депардје, Жереми Асус, изјави дека „тој секако ќе поднесе жалба“, пренесе ДПА.
Две жени го обвинија 76-годишниот актер дека им упатувал непристојни забелешки и недолично ги допирал за време на снимањето на филмот „Les Volets Verts“ („Зелените ролетни“) на режисерот Жан Бекер во 2021 година.
Тужителките се сценографка и помошничка режисерка, а судењето траеше значително подолго од очекуваното.
За време на судската постапка, актерот се прикажа себеси како жртва на лажни обвинувања, иако пред судот призна дека допрел една од жените по колкот, инсистирајќи дека тоа било без сексуална намера.
Тој се соочуваше со казна затвор до пет години и парична казна од 75.000 евра.
Обвинителите побараа условна казна затвор од 18 месеци, додека неговиот одбранбен тим бараше целосно ослободување.
Наградуваниот актер има глумено во повеќе од 200 филмови, од кои многу станаа филмски класици, како што се „Сирано де Бержерак“, „Астерикс и Обеликс“ и „Последното метро“.
Депардје со години се соочува со бројни обвинувања за сексуален напад, вклучително и некои анонимни, но овој случај го означува првиот пат кога француската филмска икона се најде на судење поради овие тврдења.
Покрај тоа, Депардје се соочува со посебно судење за обвиненија за силување по пријава од актерката Шарлот Арнолд. Тој ги негира сите обвинувања.
Во авторски текст објавен во весникот „Ле Фигаро“, тој напиша: „Никогаш, ама никогаш не сум злоупотребил жена“. Тој се опиша себеси како цел на „медиумски линч“, инсистирајќи: „Јас не сум ни силувач ни предатор. Јас сум само човек“.
Актерот, кој некогаш се сметаше за национално богатство, Депардје стана сè поконтроверзна фигура во Франција поради сè поголемиот број обвинувања и незадоволството во јавноста.