Дени Вилнев режисер на наредниот „007“ филм

27.06.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Дени Вилнев режисер на наредниот „007“ филм

Во соопштението на продукциското студио, Вилнев вели дека е „страствен обожавател на Џејмс Бонд“ и дека има намера да ги „почитува традициите“ на серијалот. Гласините за иднината на „007“ филмовите, инаку, се во пораст, откако долгогодишните продуценти Барбара Броколи и Мајкл Г. Вилсон се повлекоа од своите улоги зад сцената на овие филмови во февруари. Вилнев, исто така, ќе биде извршен продуцент на новиот филм.

Продукцијата не откри податоци за следниот глумец што ќе го игра Џејмс Бонд во новиот филм.

- Пораснав гледајќи ги филмовите за Џејмс Бонд со мојот татко, почнувајќи од првиот - „Доктор Но“ со Шон Конери. Јас сум голем обожавател на Бонд. Тоа е „свето земјиште“ за мене. Имам намера да ја почитувам традицијата и да го отворам патот за многу нови мисии што доаѓаат, рече Вилнев.

Тој додаде дека со неговите колеги-продуценти Ејми Паскал и Дејвид Хејман „се возбудени што ќе го вратат Бонд на екранот“, а раководителот на „Амазон Ем-џи-ем“ - Мајк Хопкинс го пофали Вилнев како „филмски режисер“ и неговата способност да испорача „импресивно раскажување“ на гледачите ширум светот.

- „Џејмс Бонд“ е во рацете на еден од најголемите филмски режисери кои работат денес и едвај чекаме да почнеме со следната авантура на „007“, рече тој.

Сè уште не се знае кога ќе се прикажува следниот филм, бидејќи потрагата по глумецот-носител на насловната улога - продолжува. Британците Арон Тејлор-Џонсон и Џејмс Нортон се, неофицијално, меѓу главни кандидати, а се споменува и ирскиот глумец Пол Мескал.  

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата