„Во мојата земја, се бориме жестоко за демократија што некогаш ја земавме здраво за готово. Тоа влијае на сите нас овде, бидејќи уметноста е искушение што ги зближува луѓето, како вечерва. Уметноста бара вистина. Уметноста ја прифаќа различноста. Затоа уметноста е закана“, рече Де Ниро во својот говор откако му беше доделена почесната Златна палма, објави „Дедлајн“.
Де Ниро, откако доби аплауз во „Гран Пале“, најголемото кино во Кан, додаде дека затоа актерите и уметниците се „закана за автократите и фашистите“, додека го нарече Трамп „филистејски претседател“, односно некој што е непријателски настроен или рамнодушен кон културата и уметноста.
„Американскиот филистејски претседател се назначи за раководител на една од нашите водечки културни институции (Центарот Кенеди). Тој ги намали средствата и поддршката за уметноста, хуманистичките науки и образованието“, рече Де Ниро.
Зборувајќи за изненадувачката најава на Трамп пред десет дена дека планира да воведе царина од 100 проценти за филмови направени надвор од САД, Де Ниро рече дека „не можете да ставите цена на креативноста“.
„Но, очигледно можете да ставите царина на тоа. Секако, тоа е неприфатливо. Сите овие напади се неприфатливи. И ова не е само американски проблем, туку е глобален. Како и со филмот, не можеме само да седиме и да гледаме. Мора да дејствуваме, и мора да дејствуваме сега“, рече тој.
Де Ниро го заврши својот говор со повик за акција, „без насилство, но со голема страст и решителност“.
„Време е секој што се грижи за слободата да се организира, да протестира, а кога ќе дојдат изборите, да гласа. Гласајте. Вечерва, и во следните 11 дена, ја покажуваме нашата сила и посветеност славејќи ја уметноста на овој славен фестивал. Слобода, еднаквост, братство“, рече Де Ниро.
At the 2025 Cannes Film Festival opening, Robert De Niro used his honorary Palme d’Or acceptance speech to sharply criticize Donald Trump, labeling him ‘America’s philistine president’ and an enemy of the arts. pic.twitter.com/e4FOSHrdlU
— NowThis Impact (@nowthisimpact) May 13, 2025
Американскиот актер Леонардо Дикаприо му ја врачи наградата на Де Ниро, кој сега има 81 година, пред премиерата на филмот - француската комедија „Partir un jour“. Де Ниро беше претседател на жирито на фестивалот во 2011 година и долго време е редовен гостин на Кроазета. Канскиот филмски фестивал трае до 24 мај.