Рок музичарот Брус Спрингстин објави протестна песна со наслов „Улиците на Минеаполис“ („Streets of Minneapolis“), посветена на жителите на Минеаполис и на Алекс Прети и Рене Гуд, кои овој месец загинаа во инциденти поврзани со дејствувањето на федерални агенти.
Спрингстин, кој и претходно јавно ја критикуваше политиката на американскиот претседател Доналд Трамп и федералните акции против имигрантите, во објава на Фејсбук наведе дека песната е директна реакција на настаните во Минеаполис.
Песната ја напишав во саботата, ја снимив вчера и ја објавувам денеска како одговор на државното малтретирање што се спроведува врз градот Минеаполис, објави вчера Спрингстин на Фејсбук.
Тој додаде дека делото е посветено на жителите на градот, на имигрантската заедница и на сеќавањето на Прети и Гуд.
Во текстот на песната, тој опишува сцени на насилство и судири меѓу граѓаните и федералните служби, критикувајќи ја улогата на АЈС (ICE) и Министерството за внатрешна безбедност, наведувајќи дека федералните сили настапуваат како окупаторска војска. Во песната се споменува дека „граѓаните се кренале за правда“, додека стиховите упатуваат на жртви оставени да умрат на улиците. Имињата на Прети и Гуд се опишани како симбол на прекумерната употреба на сила. Нејзиното објавување доаѓа во период на зголемени тензии во Минеаполис, по неколкуте инциденти во кои федералните агенти употребија смртоносна сила. Случаите предизвикаа протести и повици за независна истрага, додека надлежните институции соопштија дека настаните се предмет на проверка.

