„Кроација рекордс“ денеска соопшти дека оваа награда го препознава исклучителниот уметнички опус на Стефановски кој ја обликуваше регионалната музичка сцена, вклучително и хрватскиот културен простор. Потенцираат дека Стефановски е уметник чие творештво ги надминува границите на една средина – неговиот музички јазик, авторитет и креативна доследност оставија силен белег во бројни соработки, меѓу кои Хрватска зазема посебно место.
- Стефановски во текот на повеќедецениската кариера изгради автентичен и препознатлив музички израз во кој природно се испреплетуваат етно-џезот, инструменталниот рок, џез-фјужн и блузот, силно проткаени со наследството на традиционалните македонски ритми. Токму овој уникатен спој го направи симбол на македонската музичка култура, но и еден од најценетите гитаристи на меѓународно ниво, се вели во соопштението.
„Кроација рекордс“ потсетува дека музичкиот пат на Стефановски започнал кога далечната 1965 година добил акустична гитара на подарок, за која во почетокот всушност и не покажувал голем интерес. Сепак, во гимназиските денови се раѓа љубопитноста, започнува да свири, да создава музика, да собира бенд – сè со цел да собере пари и да заработи за уште подобра гитара и засилувач. По завршувањето на гимназијата, составот „Леб и сол“ веќе беше сериозен бенд, а подоцна стана еден од највлијателните во историјата на регионалната музика. Бендот од Скопје, чиј опус трајно ја промени перцепцијата за инструменталната и етно-музиката на овие простори, стана познат по својот карактеристичен звук, за кој најзаслужен беше токму неговиот фронтмен Стефановски, се вели во соопштението.
Од 1978 до 1991 година, дополнуваат од „Кроација рекордс“ снимија 13 албуми, вклучително и концертни, а еден од највпечатливите е Live in New York, снимен во 1991 година во клубот CBGB.
Го истакнуваат и албумот Live in Macedonia, објавен по повторното обединување на групата во 2006 година, со кој се одбележаа 30 години од нивното постоење во состав: Влатко Стефановски, Бодан Арсовски, Гарабет Тавитјан и Коки Димушевски.
По распадот на „Леб и сол“, Стефановски, се вели во информацијата, оствари исклучително богата и разновидна соло кариера. Бројни албуми, соработки, музика за филм и театар, како и меѓународни проекти со светски музичари како John McLaughlin, Allan Holdsworth, Manu Katché, Pino Palladino, Tony Levin, Miroslav Tadić и Teodosii Spassov.
Значаен траг, потенцираат, остави и неговиот албум „Сараево“, кој настана од потребата чувствата кон градот што го сака да ги преточи во музика, а целиот приход од продажбата го донираше за деца без родители. Низ годините соработуваше и со низа најзначајни имиња на хрватската музичка сцена, меѓу кои се Џибони, Арсен Дедиќ, Оливер Драгојевиќ, Матија Дедиќ, Миа Димшиќ, како и со инструментални проекти како Bow vs Plectrum (Hojsak & Novosel), но и со Загрепската филхармонија. Редовно настапуваше на концертните сцени низ земјата и учествуваше на бројни албуми наградени со Порин во различни категории, како изведувач и инструменталист.
- Особено е симболично што Порин за посебен придонес доаѓа веднаш по објавувањето на изданието на кое Стефановски интерпретира десет евергрини на Ѓорѓе Новковиќ – Guitar Sings, снимени со Royal Philharmonic Orchestra во легендарното студио Abbey Road, со што симболично се поврзуваат неговата меѓународна кариера и трајната поврзаност со музиката на овие простори. Со оваа награда, Влатко Стефановски се приклучува на угледната низа добитници на Porin Special Merit Award, чиј придонес е препознаен по силата и значењето на нивните кариери, меѓу кои се Stephen Kovacevich, Sting, Roger Waters, Johnny Winter, John Lydon, Arturo Sandoval, Jean-Luc Ponty, Ron Carter и Lee Konitz, соопшти „Кроација рекордс“.
Оттаму дополнуваат дека придонесот на Стефановски несомнено е препознаен преку неговото трајно музичко влијание, врвните уметнички вредности, како и преку честите и со радост прифатени гостувања во Хрватска, кои претставуваат драгоцен додаток на неговата исклучителна кариера.

