Зимскиот преоден рок донесе нови рекорди!

6.02.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Зимскиот преоден рок донесе нови рекорди!

Како што открива ФИФА, зимскиот преоден рок донесе нови рекорди, но со значително помала вкупна потрошувачка во споредба со минатата година.

На глобалниот пазар беа реализирани повеќе од 5.900 трансфери, што претставува раст од три проценти во споредба со претходниот рекорд од 2025 година, кога беа регистрирани 5.799 трансфери. Иако рекордот по број на трансфери беше срушен, вкупната сума издвоена за обештетување беше значително помала. Клубовите ширум светот потрошија нешто повеќе од 1,9 милијарди долари, што е пад од дури 18 проценти во споредба со јануари 2025 година, кога беа потрошени рекордни 2,35 милијарди долари.

Англиските клубови се сè уште најголемите трошачи, но забележаа и значителен пад. Овој пат тие издвоија 363 милиони долари, што е значително помалку од 623 милиони од претходната година. Сепак, тие останаа пред Италија, чии клубови потрошија 283 милиони долари и го освоија второто место. Бразилските клубови се пробија на третата позиција со вкупно 180 милиони долари трошење, најмногу благодарение на рекордниот трансфер на Лукас Пакета, член на репрезентацијата. Тој го напушти Вест Хем и се пресели во Фламенго, актуелниот шампион на Бразил и победник на Копа Либертадорес, за околу 49 милиони долари.

Германските клубови го зазедоа четвртото место по трошење, додека француските, погодени од кризата со телевизиските права, завршија на петтата позиција со 120 милиони долари, што е пад од повеќе од 40 проценти во споредба со јануари 2025 година, кога потрошија 210 милиони.

Саудиските клубови, кои беа четврти минатата година со 213 милиони долари, сега паднаа на шестото место со 101 милион долари. Кога станува збор за приходите, француските клубови се уште се на врвот. Во зимскиот период, тие собраа вкупно 218 милиони долари, иако тоа е исто така помалку од претходната година, кога заработија 373 милиони. Следат италијанските клубови со 175 милиони, бразилските со 155, англиските со 150 и шпанските со 139 милиони долари.

Зимскиот преоден рок донесе рекорди и во женскиот фудбал. Вкупните трошоци надминаа 10 милиони долари, што претставува зголемување од дури 85 проценти во споредба со претходниот рекорд, иако бројот на трансфери се намали за шест проценти. И во овој сегмент, англиските клубови беа најголемите трошачи, со повеќе од пет милиони долари инвестирани во јануари.


sportmedia.mk

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата