Валенсија пред колапс – прв пат по речиси седум децении е на последното место во Ла Лига

23.10.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Валенсија пред колапс – прв пат по речиси седум децении е на последното место во Ла Лига

Валенсија за која настапува македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски се најде во најлоша ситуација во новиот милениум. Клубот е ставен на продажба, а навивачите се обидуваат да го истераат бизнисмениот Питер Лим кој, според нив, остави пустош од некогашниот великан на шпанскиот фудбал.
Пред мечот со Лас Палмас во 10 коло, навивачите протестираа против Лим и неговите соработници, а капак на се беше поразот на домашен терен од оваа екипа со 2:3. Лас Палмас немаше победа 23 натпревари, а стигна да слави на „Местаља“.

Валенсија моментално има една победа, три ремија и шест порази, со голов ефект од седум дадени и 16 примени. Тоа е најлош ефект на клубот по речиси седум децении, вакво нешто му се случило во далечната 1957/58 кога имале пет бодови и ниту една победа по првите 10 натпревари. А тој тим во таа сезона успеал да направи пресврт и да ја заврши сезоната на четвртото место благодарение на одличните настапи на голманот Гојо кој примил најмалку голови во продолжение на шампионатот и напаѓачот Рикардо Алос кој завршил како најдобар стрелец со 19 голови исто колку и Ди Стефано и Мануел Баденес.

А последен пат Валенсија играла во Сегунда во сезоната 1985/86 меѓутоа и таа сезона немала ваков очаен старт, тогаш по првите 10 кола бил осмопласирана со 11 поени.
Во поновата историја очаен ефект клубот имал во сезоната 1997/98 кога бил на 17 место со 8 бодови исто колку и Ваљадолид. Таа сезона Валенсија завршила на деветтото место.

Значи Валенсија 37 сезони по ред е во шпанската елита, a јасно е дека сезонава не и оди ништо од рака. Димитриевски дојде како засилување, а седи на клупата затоа што Мамардашвили е прв избор иако ни тој, па и поголем дел од неговите соиграчи од дефанзивниот ред не се во најдобра форма. Тимот тактички раштиман, а засега нема идеја како да се свртат работите.

Тренерот Рубен Бараха се уште го чува Македонецот на клупата, а тимот реди порази и ако не се промени нешто во продолжение, лошо му се пишува.


sportmedia.mk

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата