Целосно лудило во Аргентина: Бока во 96. минута стигна до титулата и го прекина славјето на Росарио (ВИДЕО)

8.11.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Целосно лудило во Аргентина: Бока во 96. минута стигна до титулата и го прекина славјето на Росарио (ВИДЕО)
Фото: Бока Јуниорс/Фејсбук

Енер Валенсија постигна гол во самата завршница на натпреварот против Дефенса и Хустисија (1:0) и така ѝ донесе победа на Бока Јуниорс, како и 36. шампионска титула на Аргентина.

Во исто време, километри подалеку, навивачите на Росарио Централ веќе влегоа на теренот и почнаа да го слават шампионскиот трофеј, не ни насетувајќи каков пресврт ги очекува.

Росарио Централ во саботата беше на чекор до втора последователна шампионска титула на Аргентина, но на крајот мораше да се задоволи со вицешампионското место.

Тимот ја заврши својата задача и го совлада Естудијантес со 2:0, но за освојување на трофејот му беше потребен и кикс на Бока Јуниорс.

Сепак, на легендарната „Бомбонера“ следуваше расплет што никој во Росарио не го посакуваше. Во последните секунди од натпреварот, Валенсија ја затресе мрежата на Дефенса и Хустисија, ѝ донесе победа на Бока и ја реши шампионската трка.

Вистинска драма се одвиваше и на трибините на стадионот на Росарио. Додека се чекаше конечниот резултат од натпреварот во Буенос Аирес, домашните навивачи го загубија трпението и, пред последниот судиски свиреж на „Бомбонера“, влегоа на теренот за да ја прослават титулата. Стадионот одекнуваше од скандирањата: „Ајде, ние сме двојни шампиони!“

Прославата веќе беше во полн ек, но потоа пристигна веста што ја прекина еуфоријата – Валенсија постигнал гол, а Бока Јуниорс станала шампион на Аргентина.

Ниту самиот погодок не помина без контроверзии. Фудбалерите на Дефенса и Хустисија, заедно со членовите на стручниот штаб, бурно протестираа кај судијата, сметајќи дека во почетокот на акцијата што му претходеше на голот бил направен прекршок.

Нивните протести предизвикаа метеж на теренот и накратко ја разбудија надежта кај навивачите на Росарио дека голот можеби ќе биде поништен. Сепак, судијата не ја промени одлуката, погодокот беше признат, а Бока можеше да започне со прославата на новата шампионска титула.


sportmedia.mk

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата